Доволно е да се фрли бегол поглед на содржината на белградски „Информер“ и да му се згади на човек. Колку е одвратен, толку е апсурден. Општествата во кои вакво ѓубре од весник постигнува одржливи тиражи, мора сериозно да се замисли. За жал, медиумската индустрија дури и во демократски развиениот свет произведува повеќе ѓубре отколку кога било порано. За нашата земја и за регионот и да не зборуваме.
Најновиот атак на слободната информација и мисла во Македонија овој пат доаѓа од Србија, а насочен е против „Слободен печат“, единствениот слободен весник во земјата. Но, овој атак е насочен и кон партијата која го води новото мнозинство во македонскиот парламент, а воедно е преполн со говор на омраза кон Албанците. Звучи познато, како да го нарачал Груевски.
Како и секогаш, кога српскиот „Информер“ и слични на него „блеснуваат“ со своите монструозни конструкции за Македонија, македонските курирчиња спремно ги дочекуваат и вредно ги преведуваат (со многу грешки). По валканите напади врз активистите и граѓанските организации кои со недели доаѓаа од САД, фронтот се пресели северно од нашата земја. Линковите се очигледни, се работи за долно, вулгарно и примитивно продолжение на црната кампања која се води и надвор од границите на нашата земја.
Тешко е да се замисли колку пари чини валканата кампања за спас на осомничените од СЈО, но едно е извесно – се работи за огромни суми. Ако онаа Јана од МПМ примала по 25,000 евра месечна плата за толку малку што правела, тогаш хонорарите на големите прекугранични мајстори на валканиот агитпроп сигурно наплаќаат неспоредливо повеќе. Кога ќе се дознаат сите суми, овдешните лилјаци и други цицачи веројатно ќе се навредат. Еден од нив веќе нема пари ни за телефонска сметка.
За жал, многумина сè уште ја голтаат јадицата на евтиниот и вулгарен популизам кој го продаваат разни белосветски трансформери, српски информери и македонски курири. Осиромашени од деценискиот организиран грабеж, заслепени од мулти-милионската мафијашка машинерија, застрашувани од партиската полиција… Со нивни пари по нивна глава, со мизерни трикови. Тажно.
Објавено во Плусинфо и во Слободен печат (10/5/2017)