Основниот кривичен суд Скопје ја продолжи мерката притвор за нови 30 дена за двајцата осомничени во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец, соопштија од судот.
„Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за продолжување на мерката притвор за Б.Ј. и З.М. опфатени во предметот во медиумите познат како ’Рекет‘, по разгледување и ценење на фактите и доказите донесе решенија со кои го прифати предлогот и ја продолжи мерката притвор за нови 30 дена“, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.
Боки 13 и Зоки Кичеец беа уапсени на 15 јули и по распитот во Основниот кривичен суд Скопје им беше одредена мерка притвор од 30 дена. Двајцата се осомничени за кривичното дело Примање награда за противзаконито влијание, а Боки 13 е осомничен и за кривичното дело Перење пари.