Средбите на бугарскиот премиер Бојко Борисов и бугарската министерката за надворешни работи Екатерина Захариева со македонскиот претседател Ѓорге Иванов, кој е во официјална посета на Софија, се откажани, соопшти прес-службата на Владата на Бугарија.
– Не сакаме да се мешаме во внатрешните работи на нашиот сосед. Нашата позиција е принципиелна и јасна, како и на целата меѓународна заедница. Јасна е и позицијата на претседателот на Македонија. Бугарската Влада не гледа причина да биде искористена за внатрешно-политички дебати во Скопје. Клучно за идниот развој на нашата соседна држава е интеграцијата во ЕУ и НАТО и тоа да не се доведува во прашање, се наведува во соопштението од Владата на Бугарија.
Претседателот Иванов од денеска е во дводневна официјална посета на Бугарија. Според најавите од неговиот кабинет, освен со неговиот домаќин бугарскиот претседател Румен Радев, во Софија требаше да има средби и со Борисов и Захариева.
(МИА)