Бројот на загинати во различни региони на Сирија како последица на земјотресите од 7,7 и 7,6 степени со епицентар во градот Кахраманмараш во Турција, достигна 1.602, а бројот на повредени 3.649, пренесува турската новинска агенција Анадолу.
Продолжуваат операциите за пребарување и спасување во градовите Идлиб, Алепо, Хама, Латакија и Тартус во Сирија кои беа погодени од земјотресите.
Според сириската новинската агенција САНА, во земјотресот во градовите Алепо, Латакија, Хама и Тартус, кои се под контрола на режимот на Асад, животот го загубиле 812 лица, а 1.449 се повредени.
Исто така, многу згради се урнати или оштетени во регионите под контрола на опозицијата на северот дел на Сирија.
Според Сириската мрежа за човекови права, Цивилната одбрана на Идлиб („Бели шлемови“), локалните здравствени институции и локални извори, најмалку 790 луѓе ги загубиле животите, а над 2.200 други се повредени во Идлиб.
Н. А