Од новите 134 дијагностоцирани на КОВИД-19 од тестирањата во изминатите 24 часа, 97 случаи се во Скопје. Според статистиката на Министерството за здравство, главниот град досега има 1995 позитивни, а активни се 1323.
Меѓу општините на Град Скопје и тие што гравитираат кон главниот град, најголем број активни случаи со вирусот КОВИД-19 има во Чаир – 302. Втора по број на активни е општината Аеродром со 118 случаи, општини во кои има над сто заразени во моментов се и Бутел со 110, Центар со 105 и Гази Баба со 104 случаи.
Општина Сарај има 96, Карпош – 94, Кисела Вода – 64, Ѓорче Петров – 53, Студеничани – 52,
Шуто Оризари – 40, Арачиново – 33 и општина Илинден – 27 активни случаи.
Под десет активни случаи имаат општина Петровец (девет), Сопиште (осум), Чучер Сандево (седум) и Зелениково (еден). Во билтенот на Министерството за здравство се евидентирани и двајца странци како активни случаи на коронавирусот.
Министерството наведе дека овие податоци се однесуваат заклучно со вчера и дека по завршување на епидемиолошките анкети може да има измена на бројките по општини во Скопје.
Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека и покрај тоа што се соочуваме со силен бран на епидемијата, охрабрува е тоа што има висок процент на асимптоматски и пациенти со лесна клиничка слика, кои се наоѓаат на домашно лекување.
Филипче истакна дека голем дел од лицата кои треба да одат во самоизолација одбиваат да ги примат решенијата за самоизолација, по разни основи и дека поради тие причини ја разгледуваат можноста јавно да ги објават имињата на оние кои треба да бидат во самоизолација.
„Најсилното оружје против коронавирусот е секој од нас – нашата совест и нашата одговорност. Најефикасниот штит се трите правила кои мора доследно да ги почитуваме – држење растојание, носење заштитна опрема и одржување хигиена. Единствен друг начин на заштита од вирусот се рестрикциите во движењето, кон што знам дека никој не сака да се врати. Затоа да почитуваме. Јас верувам во нашите граѓани, во секој од вас. Заедно да се бориме – да се чуваме себе и нашите блиски. Да ја сфатиме сериозноста на овој непредвидлив вирус и да го заштитиме јавното здравје. Да им помогнеме на здравствените работници и здравствениот систем кој е сериозно преоптоварен“, истакна Филипче.
Министерот апелираше до родителите да им укажат на децата и на младите да носат заштитни маски и да не се групираат и дека и покрај тоа што тие поретко заболуваат или се асимтоматски, тие можат да ја шират инфекцијата.
„Враќањето кон рестриктивните мерки не е добра опција. Мора сите да се придржуваме до мерките за спречување на ширење на епидемијата“, додаде Филипче.
Во однос на одредениот датум за предвремените парламентарни избори, кои ќе се одржат на 15 јули, министерот Филипче, истакна дека функционерите на политичките партии и партиските активисти имаат обврска да бидат пример за доследно придржување кон мерките.
„Очекувам сите политички партии да постигнат согласност околу начинот на водење на кампањата каде ќе се даде целосен приоритет единствено на активности кои нема да го загрозат здравјето на граѓаните. Уверен сум дека изборниот процес може да се организира на начин безбеден за сите учесници, а тоа е единствено можно само ако сите доследно се придржуваат до јасно пропишаните мерки на Комисијата за заразни болести“, додаде Филипче.
А. П.












