ВОЈО МАНЕВСКИ
Парламентот е слика на изборната волја на граѓаните. Смешни се изјавите дека нивото на парламентот е битно намален. Овде ќе треба да се објасни дали се мисли на образовно или интелектуално ниво. А се намали ли тоа ниво и кај граѓаните? Штом сѐ ова нивните претставници во највисоките органи на државно и локално ниво тогаш вистината е дека и тие не се многу повисоко од тоа ниво.
Успешноста на секоја влада се оцртува во стандардот на граѓаните во нивното задоволство од состојбите во заедницата. Останатите објаснувања се ПР на владата. Затоа планирањето на државниот буџет и реализацијата на планираното е суштината на владините политики. Во превод колку пари- толку музика. Колку по издржан буџет што ги покрива потребите на граѓаните толку по успешна влада.
Во зовриената атмосфера по завршетокот на локалните избори имавме прес на кој министерката за финансии не извести дека владата го усвоила буџетот за следната година. Мојот впечаток од настапот на министерката е дека таа гледаше што побргу да заврши со презентацијата на бројките па да остави други да дебатираат. Ми се чини дека беше во стилот „ одговарам за она што морам да го изјавам ама не сум одговорна за тоа како тоа слушателите ќе го разберат. Како да ѝ беше нелагодно на министерката да презентира буџет кој е токму слика на економските ,финансиските и даночните состојби во државата. Како да сакаше да ја оправда владата уверувајќи нѐ дека, додека ние зависиме од рамките на буџетот ,владата зависи од околностите под кои го составува а тие не се розови.
Секој нов буџет на нашава држава е се поголем. Не ѐ поголем поради растот во БДП или поради зголемување на ефикасноста на даночната администрација туку е поголем поради зголемување на потребите . Во светот на сеопшта инфлација на вредностите и нашата влада нема многу избор. Изговорот дека структурата на буџетот е последица на политиките водени во претходната деценија не се оправдување пред граѓаните. Тие сакаат да живеат подобро од колку досега и затоа гласаа за оваа политичка коалиција.
Зошто мислам дека министерката која несомнено е образована и ги познава работите во секторот финансии неубедливо ја бранеше проекцијата на буџетот за идната година. Знае дека треба да даде надеж дека доаѓаат подобри денови но стручноста и вели дена таквата надеж може да биде изневерена.
Владата предложи буџет тежок шест милијарди и седумстотини милиони евра. историски највисок буџет како што впрочем е и секој буџет во последните години. Се разбира тоа би било добро ако буџетот е одраз на зголемената економска активност на населението. Гледаме дека опаѓа моќта на реалниот сектор а секоја година имаме поголем буџет. Се запрашуваме ли некогаш дали тоа ѐ можно? Ова е нивото на свеста за состојбите кај граѓаните . Тие очекуваат владата да ги реши нивните проблеми зошто се членови на заедницата а и понекогаш излегуваат на гласање. Исто како во предлогот за новиот буџет. Ни се потребни толку средства и ќе ги ставиме во план а како и со какви средства ќе го полниме буџетот ќе видиме според можностите . Сега ќе има темелни расправи како ќе се троши буџетот а помалку ќе се дебатира за тоа како ќе се полни.
Ќе се полни од даноци и кредити е одговорот. Кредити ќе има скоро две милијарди зошто и долгот кој треба да се врати е толкав. Веќе сме високо задолжена држава и без разлика како тоа ќе се објаснува цената на идните задолжувања ќе ни каже во каква состојба сме. Германија е должна над 100% од БДП ама каматата за кредитите што и се нудат се далеку под висината на каматите за другите задолжени држави. Колкава ќе биде каматата за нашите кредити толкава ќе биде вредност на нашата држава на меѓународен план.
На домашен план ќе се задолжи владата кај домашните банки и ќе продолжи нејзината зависност од интересите на четирите најголеми банки на кои сега ќе им се придружи и една банка од соседството за која има низа на нејаснотии за нејзиното влегување на нашиот банковен пазар. Владата ќе има мало влијание на падот на каматите, трошоците кои ги замаат банките за секоја нивна услуга и што ѐ најважно не се надевајте на пад на цената на становите.
Буџетскиот дефицит е план како дел од буџетот кој не се полни од даночни извори и значи дополнително задолжување кон кредиторите. Со овој дел се финансираат во главно капиталните инвестиции за тековната година. Правило е висината на буџетскиот дефицит да не биде повисока од предвидениот раст на БДП. Засега е предвидено растот на БДП да биде оклу3%. Во новиот буџет се предвидува намалување на буџетскиот дефицит но и вкупниот износ на расходите за капитални инвестиции. И таков ќе биде поголем од растот на БДП. Значи, секако ќе биде помал оној дел кој економистите го нарекуваат поттик за економски развој . Ако нема зголемен економски развој тогаш како можеме да очекуваме зголемен стандард? Ако кон ова се додаде и недоволната реализација на капиталните инвестиции а тоа е слабото работење на администрацијата , на што би требало да се надеваме?
Она што засега е неразјаснето е дали владата планира да прави измени во даночната политика за да би имала посигурни извори за полнење на буџетот. Таква храброст досега не најде ниту една влада поради негативниот ефект врз бирачите. Но тоа значи само одолжување на лечењето на организмот на државата и зголемен ризик од негов колапс.
Кредитите мора да се враќаат а математичките операции со зголемен прилив во буџетот поради зголемувањето на цените во малопотрошувачкиот сектор и вкупната лична потрошувачка е неодржлив концепт. Инфлацијата се врти околу5% и трката со платите ќе заврши во нејзина корист. Предвидени се средства зголемување на платите и пензиите . Ако не се намали инфлацијата и се забрза растот на цените тогаш тешко дека предвидените средства ќе се доволни за потребниот раст на платите и пензиите. Во спротивно се ризикува пад на популарноста на владата па дури и социјални бранувања.
Значи новиот концепт на даночна политика ќе биде нужен . Општеството мора да се спреми за сет на непопуларни мерки и реформи кои се нужни. Вака може само да се труне како јатка во оревот кој однадвор изгледа здраво.
Еве еден пример. За 200 квадрати куќа во градовите со околу педесетина илјади жители на име на порез на сопственост граѓаните плаќаат околу двесетина евра. За стан стар неколку години се плаќа околу триесет и пет евра. Во Скопје во центар за стан кој може да се продаде за двеста илјади евра се плаќа данок од педесетина евра на годишно ниво. Во помалите гратчиња и на периферијата на Скопје тој износ е уше и помал. Во Европа данокот на сопственост е битен извор на средства за буџетот на државата. Кај нас владите знаат дека затечените односи од минатото кога приватната сопственост не беше доминантна во државата тешко се менуваат и можат да повлечат пад на гласачкото тело. Затоа не сѐ посега по измена на даночната политика.
Буџетот ќе се усвои некаде кон крајот на декември и дотогаш ќе се наслушаме разни мислења. Некако ми се наметнува Марксовата теза за Фоербах . „Филозофите само различно го толкуваат светот а се работи тој да биде изменет на подобро“. Е, е, само Фоербах не предвидел дека нема да има филозофи туку аналитичари!
ЦИВИЛ МЕДИА | Ставовите и наодите во овој текст се целосна одговорност на авторите и не нужно ги претставуваат ставовите на донаторите или на другите партнери и соработници на организацијата.












