„Република Бугарија од секоја пратка на вакцини против Ковид-19, кои директно ги купиле од производителите, дел ќе донира и на нашата земја. Ова утрово беше одлучено на владината седница во Софија каде имав и свое обраќање“, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.
Министерот додаде дека со оваа одлука, во нашата земја вакцини против Ковид-19 ќе стигнуваат во исто време како и во останатите земји членки на ЕУ.
„Бугарија како членка на ЕУ ја имаше таа привилегија да прави директни преговори со повеќе произведувачи. Благодарение на овој пријателски чин, со оваа донација за кратко ќе го почнеме процесот на вакцинација и ќе го олесниме пристапот до вакцините за да може да вакцинираме 60 до 70% од населението. Според информациите од здравствените власти во Република Бугарија, најпрво во Софија ќе стигне вакцината на Фајзер, потоа на Модерна, па на Астра Зенека. Веќе разговаравме и за техничките детали во однос на испораката, верувам дека во исто време ќе добиеме дел од вакцините, како и земјите од ЕУ“, истакна Филипче.
Филипче додаде дека освен преку донација од Република Бугарија, нашата земја обезбеди вакцини и преку Ковакс механизмот.
„Европската Унија за земјите членки обезбеди 400 милиони вакцини и 100 милиони дополнително за земјите кои не се во Унијата, а вакцините може да ги добиваат со посредување на земји членки. Досега таков вид на помош, на нашата земја и понудија Полска и Грција. Република Северна Македонија преговори и со произведувачите за директна набавка на вакцини и од нив“, вели Филипче.