Елена Чекорова, програмски менаџер на Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ од Куманово, за ЦИВИЛ Медиа изјави дека по 8 месеци барање за средба, Државната изборна комисија конечно одговорила позитивно, со ветување дека дел од нивното истражување „Пристапни избори“ (Мониторинг на учеството на лицата со попреченост во политичкиот и изборниот процес во Македонија), ќе биде имплементиран во Предлог измените на Изборниот законик, но и во техничкиот дел, како што се пристапност до избирачките места и полесна проверка на Избирачкиот список од лицата со попреченост.
„Државната изборна комисија, како одговорна институција за изборите, ја прифати нашата иницијатива и се заложи понатаму да ги имплементира препораките што ние им ги предочивме. Во соработка со ‘Инклузива’, на наша иницијатива покрената од нашето истражување, ДИК организираше неколку работни состаноци на кои што се вклучија и други невладини организации. На нив дискутиравме како може да се промени ситуацијата во краткиот период пред локалните избори“, ни изјави Чекорова, потенцирајќи ги препораките со кои ДИК се согласила, заедно со оние што се подлежни на поширока собраниска расправа, а се однесуваат за остварување на правото на глас на лицата со попреченост.
Физичката пристапност на лицата со попреченост до избирачките места е проблем што може да се реши во краток временски период. Како што ни изјави Чекорова, ДИК ја презела должноста да изврши дополнителени анализи врз основа на нивното истражување според коешто, 57% од избирачките места се непристапни за лицата со попреченост, односно, за оние со телесна попреченост.
„Со наша препорака, ДИК ќе се заложи да ја адаптира нивната веб-страница да биде пристапна за лицата со попреченост, односно, проверката на Избирачкоит список да биде олеснета за оваа категорија на граѓани“, рече Чекорова во разговорот за ЦИВИЛ Медиа.
Биљана Јордановска
Камера: Дехран Муратов