Иако струјата на слободниот пазар за една година поскапе за речиси 400 проценти, висината на сметката кај домаќинствата во земјата со последната корекција на цените се зголеми само 9,5 процент како резултат на мерките на Владата за покривање на загубите на ЕСМ и МЕПСО, и на тој начин на граѓаните во Буџетот им ги враќа назад на граѓаните преку 80% пониски сметки за струја со покривање на загубата на ЕСМ.
Како што објаснуваат од ЕСМ за ЦИВИЛ Медиа, ова всушност значи дека Владата дел парите на граѓаните од Буџетот му ги префрла на ова акционерско друштво што е во државна сопственост.
Со тоа, се покрива загубата на државните електрани во услови кога производната цена на струјата е околу 68 евра за мегават час. Со покриените загуби, државните електрани му ја продаваат на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, за 47 евра за мегават час.
Производната цена од 68 евра, инаку, значи дека тоа е вредноста на струјата што ја произведува ЕСМ, односно цена без добивка и без загуба.
Во пракса, ова „субвенционирање“ не значи дека парите им се префрлаат директно на граѓаните, туку дека висината на сметките на граѓаните се држат „ниски“ додека ЕВН Хоум ги снабдува граѓаните со домашна струја по ниска цена којашто Владата ја „покрива“ за висината на разликата на реалната вредност на домашно произведената струја од 68 евра.
Регулаторната комисија за енергетика за ЦИВИЛ Медиа ова го објаснува со укажувањето дека доколку Владата не ја покрива разликата во цената кон ЕСМ од 260 милиони евра на годишни ниво кон ЕСМ, и уште дополнителните околу 210 милиони евра, колку што чини втората најголема ставка во сметката за преносот и дистрибуцијата, која ги опфаќа и загубите на МЕПСО и Електродистрибуција, потенцијалниот трошок којшто би паднал на товар на граѓаните би изнесувал околу 470 милиони евра.
Тоа реално значи дека сметките на граѓаните коишто сега изнесуваат до 2.000 денари во просек месечно за струја, би пораснале до 5.000 денари.
Тоа е суштината на често повторуваната порака на Владата дека таа ги „субвенционира“ сметките на граѓаните со 80%.
Оттаму, според Регулаторната комисија за енергетика, доколку земјата се водеше по моделот за снабдување со електрична енергија на домаќинствата како пред кризата утврден со Законот на енергетика без да води грижа за социјалните импликации што ги донесе економската и енергетската криза, сегашните сметки на граѓаните ќе беа повисоки за речиси три пати.
С.Т.
Што точно значи дека Владата „субвенционира“ 80% од висината на сметките за струја за граѓаните?