Данската влада воспостави таканаречена „ноќна стража“ во Министерството за надворешни работи за да ги следи изјавите и движењата на Доналд Трамп додека Копенхаген спие.
Стражата започнува секој ден во 17 часот по локално време, а следното утро во 7 часот се подготвува извештај што се испраќа до данската влада и релевантните институции, со преглед на сè што Трамп кажал или направил, пишува Гардијан.
Оваа позиција била воведена по дипломатскиот спор меѓу Копенхаген и Вашингтон околу Гренланд оваа пролет, кога американскиот претседател се закани дека ќе преземе контрола над арктичкиот остров, а ова е само еден од примерите како данската дипломатија и државна администрација се прилагодуваат на „новата реалност“ во втората администрација на Трамп.
Извор близок до Министерството за надворешни работи за Гардијан изјавил дека ситуацијата со Гренланд и временската разлика меѓу Данска и САД биле клучни фактори за воспоставување на оваа практика. Наместо сите постојано да ги проверуваат своите телефони за да фатат што се случува во САД, министерството вовело „колективен напор“ за координирано информирање.












