Во Собранието денеска се очекува распишување на претседателските избори, што според најавите треба да се одржат на 21 април, првиот круг и 5 мај, вториот круг на гласање.
По распишувањето Државната изборна комисија треба да донесе роковник според кој ќе се спроведуваат изборите. Исто така, ден по распишување на изборите, Министерството за внатрешни работи треба да ги достави податоците на граѓаните што ќе влезат во избирачкиот список. По добивање на податоците ДИК има рок од 15 дена да го стави Избирачкиот список на јавен увид, кој ќе трае 20 дена. Од ДИК апелираа граѓаните навремено, заклучно со денешниот ден да си ги подигнат личните карти кои веќе се подготвени.
Мандатот на актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов истекува на 12 мај. Сè уште не се знае кој ќе биде кандидатот на СДСМ, но и на ДУИ по неможноста за договор за консензуален кандидат.
Досега на повикот на ВМРО-ДПМНЕ се пријавиле 8 кандидати за претседател.
Б. Ј.