Во текот на утрешниот ден се очекува да се распишат редовните претседателски избори кои, според најавите на првиот човек на Собранието, Талат Џафери, треба да се одржат на 21 април. Вториот круг ќе се одржи две недели подоцна, односно на 5 мај. Доколку процедурата тече во најдобар ред, се очекува на 12 мај да биде избран новиот претседател на Република Северна Македонија, кога завршува и мандатот на Ѓорѓе Иванов.
И додека се чека на стартувањето на претседателската трка, се чини дека, овој пат, сѐ ќе се дознава во последен момент, ако воопшто се дознае. Изјавите на коалиционите партнери СДСМ и ДУИ сѐ повеќе навестуваат дека меѓу нив нема да биде постигнат договор за заеднички кандидат. Најголемата партија од албанскиот блок и коалициски партнер во владата, ДУИ, се откажа од моделот за консензуален кандидат што го промовираа долго време заедно со СДСМ.
Како првични кандидати коишто според ДУИ, би биле прифатливи и за македонскиот и за албанскиот блок, според некои медиуми, пред два месеца од ДУИ беа предложени неколку имиња – професорот Денко Малески, Лазар Еленовски и Владо Поповски, како и дека би ја поддржале евентуалната кандидатура на премиерот Зоран Заев.
На овие предлози (освен за Заев), јавно реагираше пратеникот од СДСМ, Мухамед Зеќири. Според тоа што можеше да се разбере од неговата реакција, предложените кандидати ги поистовети со (сега веќе пријавениот кандидат од ВМРО-ДПМНЕ), Влатко Ѓорчев.
Во јавноста протекоа информации дека по откажувањето на идејата за консензуален кандидат за претседател, партиите од албанскиот политички блок ќе се сплотат во потрага за заеднички кандидат, којшто би бил натпартиски. Зиадин Села од Алијансата за Албанците беше категоричен во своите изјави дека нема да се договара и преговара со ДУИ за никаков кандидат, за потоа овој став да омекне, во смисла на евентуални преговори меѓу сите политички опции од албанскиот блок, за излегување со заеднички кандидат. Но, до сега нема официјална потврда, ниту изјава за такво нешто.
На интервју за МРТВ, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, се изјасни дека не може да прифати кандидат што ќе се избира на Конгресот на СДСМ, бидејќи тоа веќе нема да биде консензуален избор, но и дека, сепак, нема да се откаже од принципот за консензуален кандидат. Според Ахмети, со свои кандидати, ДУИ ќе излезе по седница на централното претседателство чие одржување се очекува деновиве.
„Ние не се откажуваме од принципот за консензуален претседателски кандидат, но тогаш кога ќе постои реципроцитет. Не можам да гласам или да поддржам кандидат што СДСМ ќе го гласа на конгрес“, изјави Ахмети коментирајќи дека на свадба не се оди непоканет, иако само ден претходно, вицепремиерот Бујар Османи изјави дека се создадени услови за консензуален претседател.
Не се знае точно зошто СДСМ и ДУИ не постигнаа договор за заеднички консензуален кандидат, односно, која е вистинската причина за оддалечување од долго најавуваната идеја. Демократската Унија за Интеграција е соочена со скандалот со злоупотреба на вториот пензиски фонд во ПИОМ, за што жестоко се спротивставија со закани со судски прогон за, според нив, погрешната изјава на министерката за труд и социјална политика, беа против законот за дискриминација, за во последен момент да го потпишат, од партијата има пратеници и функционери опфатени во случаите на Специјалното Јавно Обвинителство, но коишто беа длабоко посветени и работеа на процесот за интеграции во НАТО и ЕУ.
Не е исклучено и дека доколку претседателските избори не резултираат со успех, според законските одредби и уставот, вршител на должноста Претседател на Република Македонија да биде претседателот на собранието, во овој случај Талат Џафери, којшто произлегува од Демократската унија за интеграција, со што, според еден дел од јавноста, би се реализирал принципот за консензуален претседател.
Од СДСМ, пак, одлучија да не ги коментираат изјавите на својот коалиционен партнер. Од партијата велат дека сѐ уште ги чекаат првите апликации по повикот за самокандидирање за избор на претседателските кандидат на СДСМ за претстојните избори. Крајниот рок за доставување на апликациите е 19 февруари, а партијата изборот на кандидати ќе го направи на Конгрес на 3 март.
Отворена е можноста, СДСМ, сепак, да донесе одлука за евентуални предвремени парламентарни избори в недела, што според вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, нема да се темели на партиската желба, туку ќе ги има предвид европските амбиции на земјата.
„Пораката од ЕУ ни е јасна и ние се согласуваме дека Македонија нема време за губење, ама мора да ја преземеме обврската да размислуваме и за тоа дека Македонија уште повеќе време ќе изгуби ако опозицијата повторно ја бутне Македонија во неизвесност наречена неуспешни претседателски избори. Барањето за избори го дава за да има алиби за бојкот на претседателските избори. Тоа во изјавите на Мицкоски од последниве денови многу јасно се чита. Денеска 2-3 месеци пред изборите тие веќе зборуваат за фалсификат на изборите“, вели Шекеринска во гостувањето на емисијата Топ Тема на ТВ Телма.
Доколку се остварат прогнозите дека, сепак, СДСМ нема да се согласи на предвремени парламентарни избори, со оглед на ставот на партијата за тоа дека предвремени избори во моментот не ѝ се потребни на земјата, ова ќе бидат првите самостојни претседателски избори од 2004 година наваму.
Во ВМРО ДПМНЕ, пак, веќе стартуваше внатрепартиската битка за номинација за претседател. Од осумте кандидати кои ја започнаа својата промоција пред членството на партијата, се чини дека професорката Силјановска и пратеникот Ѓорчев влегуваат како најсериозни кандидати да ја добијат довербата на делегатите на Конвенцијата на 16-ти февруари. Покрај имињата на овие двајца кандидати се и Никита Шекутковски, Ѓорѓи Манасков, Васко Костов, Илија Димовски, Филип Петровски, Горан Ангелов и Сашо Кутлешовски.
Дијана Тахири и Маја Ивановска