ВЕСТ НА ДЕНОТ
Белгиска „ABEE“ ќе инвестира 40 милиони евра во ТИРЗ Кичево, нови 600 работни места
Белгиската компанија „ Avesta Battery and Energy Engineering (АBЕЕ)“ ќе гради фабрика за производство на електрични батерии за автомобили во ТИРЗ Кичево. Вкупната инвестиција ќе изнесува 40 милиони евра, а ќе бидат отворени 600 нови работни места.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Петровска: Процесот на европска интеграција е безбедносно прашање
Процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија е безбедносно прашање, затоа што сите отворени прашања во државата и регионот може да бидат злоупотребени и малициозно искористени за несакани дејствија и подгревање на страстите, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Безбедност На армискиот полигон „Криволак“ денеска започна вежбата „Брз одговор 23“ која што е дел од најголемата мултинационална вежба во Европа оваа година „Defender Europe 23” и ќе трае до 2 јуни.
Свидетелства Сите ученици навреме ќе ги добијат свидетелствата за учебната 2022-2023 година, завршена е постапката за набавка и во тек е испораката, соопшти денеска Министерството за образование и наука.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Бахмут
Додека медиумите во Москва трубат за „остварена мисијата“, откако шефот на платеничката група Вагнер, Евгениј Пригожин прогласи победа во источниот украински град Бахмут, Украина инсистира на тоа дека градот не е целосно паднат.
Експлозии во Белгородската област
Рускиот волонтерски корпус“, чии борци тврдат дека се борат на страната на Украина, соопшти дека извршува борбени мисии на територијата на Руската Федерација, а „Легијата на слободата на Русија“ ги повика жителите на руските погранични региони да останат дома и „ да не се противат“, објавија на своите канали Легија на слободата на Русија, Руски волонтерски корпус, како и некои руски локални Телеграмски канали.
НАТО ги признава злосторствата на Русија
Парламентарното собрание на НАТО едногласно ги призна злосторствата на Русија против Украина како геноцид, а терористичкиот режим во Русија како рaшизам, објави на Фејсбук Јехор Черниев, шеф на постојаната делегација на Украина во Парламентарното собрание на НАТО, пренесува ЕвропскаПравда.
АЛ-ПРЕС
(ИЗБОР) Албански медиуми: Дијалогот Косово –Србија на маса во Брисел; НАТО го вклучува Косово во извештај; во Албанија се одржува воената вежба „Defender Europe 2023“
На денешниот состанок на Советот за надворешни работи на Европската унија во Брисел, министрите на земјите членки ќе разговараат за ситуацијата во регионот на Западен Балкан, вклучително и дијалогот Косово – Србија, а во Албанија еден од главните настани е одржувањето на вежбата „Defender Europe 2023“. Ова се само дел од темите, од редакцискиот избор на ЦИВИЛ Медиа од албанските медиуми во регионот.
НЕДЕЛА НА ЦИРКУЛАРНА ЕКОНОМИЈА
Неделата на циркуларната економија на Западен Балкан започна денеска, а до 26 мај ќе ја одбележат низа паралелни активности во повеќе земји од Западен Балкан, под заедничкото мото „Партнерство за циркуларност“. ЛогЕкс (LogEx) заедницата во чиј состав влегуваат повеќе од десет големи граѓански организации, експерти, универзитети и бизниси, преку еднонеделните активности ќе понуди нови идеи и решенија за одржливи практики.
Регионална конференција „Визии за зелена иднина: Партнерство за циркуларност“
ЦИВИЛ ќе одржи Регионална конференција „Визии за зелена иднина: Партнерство за циркуларност“ утре, 23 мај, во хотел Сити Парк, со почеток во 10 часот, со учество на високи претставнички и претставници на македонската влада, експертската заедница од регионот и бизнис секторот. Настанот е дел од регионалната програма на иницијативата за цел Западен Балкан.
Конференцијата ќе се одржи во четири сесии. Во првата сесија „Трансформација на економијата на локално и национално ниво: Стратегии, предизвици и перспективи на циркуларната економија“ учествуваат вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи и Министерка за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова.
Во втората сесија „Неделата на циркуларна економија на Западен Балкан – Регионални искуства“ ќе учествуваат Астрит Истрефи, извршен директор на Балкан Форум, Косово, Селена Агатоновиќ од Иницијативата за правата на младите, Србија, и Газменд Берлајоли од Косово.
Во третата сесија „Иновациите во бизнис секторот и циркуларната економија: Позитивни примери за иднината“ ќе говорат претставниците од бизнис секторот и тоа: Филип Ивановски, Пакомак, Аријан Тоска, МДЦ-Трговија и инвестиции и Живко Серафимовски, Нутривет.
Во четвртата, завршна сесија, ќе говорат потпретседателката на Сојуз на стопански комори, Габриела Кулибанова на тема „Проценка на капацитетите за развој на циркуларната економија во Северна Македонија и регионот на Западен Балкан“, главната уредничка на Градска.мк, Соња Танеска на тема „Медиумите и циркуларната економија“ и претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала на тема „ Влијанието на руската агресија против Украина врз економските трендови и можностите за развој на циркуларната економија“.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Имаше некаква симболика во фактот дека министерот за надворешни на Русија – Лавров лани, на денот кога се слави годишнината од Октомвриската револуција, го пушти повикот за „запишување“ на ново членство во БРИКС, организација која е од стартот антизападна по концепцијата. Зошто човек може да помисли дека малата Македонија е една од земјите каде треба да ја слушнат неговата порака?“, пишува Љубомир Костовски во колумната „Антизападниот БРИКС оставен во македонскиот орман“.
„Билатералките“ со Бугарија што ќе се појавуваат од време на време се со времен карактер. Тие се сè уште реминисценција на една замината власт чиј актуелен остаток е во ликот и делото на Радев и Јотова. Но треба да се има предвид дека тие се само interim и кај да е државата ќе си добие легална и легитимна Влада која ќе има полни раце работа со дневните проблеми на бугарскиот народ, нешто за што кабинетот на претседателот нема обврски, а ни слух.“, пишува Љубиша Николовски во колумната „Нема ништо спорно во наративот на Ковачевски и уставните измени“.
Д. Тахири