ВЕСТ НА ДЕНОТ
Билатерален скрининг за Поглавје 25
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска ја предводи македонската делегација во Брисел по повод почетокот на билатералниот скрининг состанок за Поглавје 25, „Наука и истражување“ од третиот кластер, „Конкурентност и инклузивен раст“.
Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ ќе ја искористи еднодневната работна посета на Брисел за да одржи координативен состанок со директорката за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Микела Матуела, а ќе се сретне и со Сајмон Мордју, советник за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.
„Северна Македонија е во завршна фаза на развивање на Стратегијата за паметна специјализација, следејќи ја стандардната методологија на Европската унија и во континуирана комуникација со Заедничкиот истражувачки центар. Усвојувањето на Стратегијата за паметна специјализација и поставувањето на институционалната инфраструктура за поддршка на соработката меѓу академијата и бизнисот е од особено значење за создавање конкурентна економија, изјави Маричиќ.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Изјавата на метрополитот Петар и изјавите на други верски заедници, може да се виде дека честопати е маглата која се задржува на јавната сцена позади која се случуваат други реални интереси… Македонското општество е секуларно и институции имаат јасен концепт без разлика какви се дебатите во цивилното општество, изјави универзитетскиот професор Цане Мојановски за ЦИВИЛ Медиа
ВОЈНА ПРОТИВ УКРАИНА
Украинските сили ги завршуваат подготовките за долгоочекуваната пролетна офанзива против окупационите руски трупи, и според сите проценки, генералната оценка е дека тие се подготвени за тоа.
Како што пренесува Гардијан, министерот за одбрана, Олекси Резников на онлајн брифинг во петокот рекол: „Штом има Божја волја, временски услови и одлука на командантите, ние ќе го направиме тоа“.
*
Русија синоќа повторно изврши ракетен терор врз градовите во Украина. Во Уман има мртви и ранети лица, уништени станбени згради. Во Днипро,руското артилериско гранатирање ги одзеде животите на мајка и 3-годишно дете. Како резултат на ракетен напад врз Уман, регионот Черкаси, оштетени се околу 10 станбени блокови. Во еден од нив е уништен целиот дел.
*
„Неверување, тага, страв, гнев, срам – тоа се чувствата на кои се сеќавам по веста за почетокот на руската воена интервенција во Украина, утрото на 24.02.2022 година. И, на солзите, многуте солзи. Наредните денови постојано следев различни медиуми за состојбата, и постојано се прашував што ли се случува со Харкив, родниот град на мојот дедо. Како се нашите роднини таму? И не само во Харкив, туку и во Кијив.. Дали некој од нив можеби настрадал? Дали се безбедни, имаат ли храна, вода, лекови? Како сега се чувствуваат како Руси кои се ородиле со кој знае колку Украинци? (Не се сеќавам дека некогаш станало збор за тоа или пак дека имале некаков проблем во врска со тоа.)“, изјави Русинка по потекло од Харкив, Украина, за ЦИВИЛ Медиа.
AL-PRESS
Редакциски избор од албански медиуми: Косово под тензии од Руско влијание; косовската опозиција бара нови избори; во Тирана истрага за висок полициски претставник обвинет за корупција
ФЛЕШ ВЕСТИ
КУЛТУРА Министерката за култура на Северна Македонија Бисера Костадиновска- Стојчевска денеска ушествуваше на панел дискусија посветена на културното наследство во државите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ, на Делфи економскиот форум.
ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ По повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа – 28 април, Македонско здружение за заштита при работа (МЗЗПР), денеска во паркот на последната автобуска постројка со број 5 во Ново Лисиче во Општина Аеродром, ќе засади 22 дрвца, а бројот на садници, како што информира здружението, го отсликува бројот на загинатите на работното место во текот на 2022 година.
СУДСТВО Блупринт групата за реформи во правосудството ја изрази својата загриженост околу ескалирањето на состојбата при утврдувањето на дневниот ред на вчерашната седница на Судскиот совет на РСМ која заврши со разрешување на претседателката на Советот.
БЕЗБЕДНОСТ Заради оддавање почит кон загинатите припадници на безбедносните сили на Република Северна Македонија кои своите животи ги загубија во масакрот кај Вејце, поднесувам иницијатива согласно член 18 од Законот за меморијалните споменици и спомен-обележјата Советот на Општина Тетово да донесе одлука за подигање на спомен-обележје, објави министерката за одбрана Славјнка Петровска на нејзиниот фејсбук профил.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Постои по малку и навика кај овдешниот народ во пресуден момент некој да нѐ спасува однадвор од подмолните намери на внатрешните фактори кон судбината на земјата. Тоа како да раѓа и навика на пасивност, па дури и влегување во стадото на лошиот господар заради моментни привилегии, заради тоа што она „јас“ ќе го одбере свесно опортунизмот, се заснова на уверувањето дека меѓународната заедница е таа која треба да го испрати тука својот претставник кој ќе биде „прстот на судбината“, па ќе ни олесни..“, пишува Љубомир Костовски во „Немоќта на очигледното или – чекајќи да се случи чудо“.
Подготви: Б. Јордановска