ВЕСТ НА ДЕНОТ
Во Скопје денеска и утре се одржува „Самит Македонија 2025“. Фокусот на годинашниот самит е просперитетни економии преку општествена трансформација, дигитализација и стратешко лидерство.
На отворањето на Самитот се обратија премиерот Димитар Ковачевски и извршната директорка на „Македонија 2025“ Никица Мојсоска-Блажевска.
На 12-тото издание на овој престижен регионален настан, во вкупно 13 панели со актуелни теми, своите богати искуства и знаења ќе ги споделат 40-тина врвни говорници.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Тоа писмо содржи одредени случаи коишто, за жал, можам да кажам навистина се одолговлечени. Постапката оди со враќање од повисоки кон пониски инстанци во повеќе наврати. Сепак, тоа се прашања за судиите коишто работат и за оние кои управуваат со работата на судиите… По донесениот нов Кривичен законик пред неколку месеци, подготвен е и нов закон за Судската академија, нови закони се подготвени за ренумерација на судии и обвинители… Но голем број од нив се блокирани во Собранието и тоа е прашање за опозицијата, а не за мене, бидејќи опозицијата ги блокира и мора да ги каже причините поради кои ги блокира – платите на судиите, реформа на Судската академија, тоа е се блокирано во Собранието“, изјави премиерот Димитар Ковачевски прашан за коментар за писмото на американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер кое на 11 април го испратила до судските и извршните органи таа изразува загриженост поради одлуката на Апелацискиот суд – Скопје да врати во првостепена постапка на повторно судење неколку предмети од, како што наведува, високи профили.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Останува непознато каде се наоѓа бранителот на човековите права Абдурешит Џепаров, кој беше приведен од руските безбедносни сили на привремено окупираниот Крим, пренесува Укринформ.Џепаров е еден од претставниците на националното движење на Кримскиот Татар, активист за човекови права, државјанин на Украина.
*
Сеќавајќи се на трагедијата од 1986 година, Украина повикува на спроведување на точката за радијација и нуклеарна безбедност од Формулата за мир на Претседателот на Украина Володимир Зеленски.
*
Тешки борби од блиско растојание се водат во Бахмут, командантот на силите за специјални операции ги посети бранителите
*
Користењето на информациите како оружје е намерна стратегија на режимот на Путин уште од самиот почеток, изјави советникот на Постојаната мисија на Украина во ОН, Серхи Дворник, на Генералната дебата на Комитетот на ОН за информации на 25 април, јави дописникот на Укринформ.
АL-PRESS
Редакциски избор од албански медиуми: Затворени сеанси за заштита на сведоци во судењето за лидерите на ОВК; Мира Мурати ја раскажува приказната за создавањето на CHATGPT.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПОСЕТА Вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи утрово и посака топло добредојде на Претседателката на Република Косово, Вјоса Османи- Садриу, која престојува во дводневна посета на Република Северна Македонија, со надеж дека оваа посета уште повеќе ќе ги зајакне одличните односи помеѓу двете земји, и ќе даде позитивен импулс за натамошен развој и интензивирање на севкупната соработка.
ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ Народна банка со кампањата „Денарот го славиме!“ одбележува 31 година од монетарната самостојност.
ЖИВОТНА СРЕДИНА Декларираните заложби за заштита на Охридското Езеро повторно на тест. На самото крајбрежје на езерото на албанската страна кај селото Тушемиште се изведуваат градежни активности со истурање бетон во водата. Граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ и овојпат укажа на недозволени градежни активности во самиот биолошки резерват заштитен од УНЕСКО. Во Студенчишкиот канал, пак, повторно е забележано загадување на водата, предизвикано од човечки фактор.
СУД Во Основниот кривичен суд Скопје со давање завршни зборови од одбраната денеска продолжи судењето за случајот „Тендери“, против поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска.
ИЗЈАВА Потпретседателот на Беса, Фатмир Лимани вчера во емисијата „200“ на Алсат изјави дека партијата не е против вклучувањето на Бугарите во Уставот, но е против Албанците во највисокиот правен акт да се претставуваат со проценти.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Општина Битола (ќе) поддржува терористичко загрозување на уставниот поредок со народни пари. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, и со помош на советничката од ЛДП-ДОМ (која обезбедила кворум за гласање), донеле одлука да им доделат еднакратна помош по 162 евра, (10.000 денари) на семејствата на правосилно осудените (или како што ги нарекуваат „уставобранителите“), кои што на 27 април 2017 година влегоа во Собранието на Република Северна Македонија да ги тепаат пратениците од СДСМ и Алијанса за Албанците. Ова не е прва парична награда за тепачите од „27 април“ кои се осудени на затворска казна. Прва таква акција за собирање на парична помош за осудените за „крвавиот четврток“ се случи на 22 и 23 декември 2017 година кога се одржа партискиот конгрес во Валандово за избор на наследник на Никола Груевски за лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш беше поставена кутија над која пишуваше „место за донации за неправедно притворените уставобранители од 27 април 2017 година“. Но, никогаш не се дозна колку и дали воопшто беа собрани некакви пари“, пишува Дехран Муратов во „ВМРО-ДПМНЕ и Левица со народни пари го поддржуваат крвопролевањето од 27 април“.
„Вицепремиерот Артан Груби со настапот во Стопанската Комора ги демантираше сите наводи кои опозициската ВМРО-ДПМНЕ со недели ги пласираше во јавноста, а фрлаа сенка врз исправноста на изградбата на коридорите 8 и 10д и ги натера челниците на партијата да се извинуваат и правдаат дека тие никогаш не биле против изградбата на овие капитални инфраструктурни проекти.
Артан Груби го извади на виделина фактот дека ВМРО-ДПМНЕ свесно го подржал специјалниот закон со кој на „Бехтел и Енка“ им се даде ексклузивно право без тендер да ги градат четирите автопати од Коридорите 8 и 10д“, пишува Љубиша Николовски во „Артан Груби ги раскринка ВМРО-ДПМНЕ околу нивната улога во изградбата на коридорите 8 и 10д“.
Б. Јордановска