„Бидејќи живееме среде хибридна војна, крајно време е да се признае дека демократските и прогресивни општества се загрозени од злоупотребата на самите демократски инструменти. Поточно, демократиите се нападнати од софистицирани, комплексни и упорни пропагандни машини, разузнавачки и контраразузнавачки агенции, подземни и криминални структури, лажни граѓански општества, верски кругови, бизниси, медиуми, академии итн“, со овие зборови претседателот на ЦИВИЛ ја отвори Регионалната конференција „Напади врз демократијата и човековите права: Граѓанските организации во поддршка на општествата од Западен Балкан кои се соочуваат со дезинформации, говор на омраза и хибридни напади“.
Сите тие се дел од хибридната војна што се води веќе подолго време, а особено се засилува по инвазијата на Руската Федерација врз Украина, додаде Дерала.
„Социополитичките околности во земјата, регионот и многу пошироко, се такви што обезбедуваат неограничен простор за жестока дезинформација и кампањи за омраза против прогресивни поединци и групи во општеството.
Целта е да се дискредитираат истакнати креатори на мислења, медиуми, граѓански организации, институции на локална и централна власт, дури и во науката, со цел да се лиши од довербата на јавноста во нивните извештаи, анализи, мерки и други релевантни резултати.
Нападите против граѓанските активисти и новинарите се безброј. Тоа не е само пропаганда на омраза од страна на некоја лута група радикали и горчливи тролови. Повеќе од очигледно е дека цела пропагандна машинерија стои зад повеќегодишните континуирани напади врз чинителите на граѓанското општество, особено оние што се видливи и влијателни, активни на дневна основа, како што е ЦИВИЛ.“, посочи Дерала.
Д. Т.