„Како организација за човекови права се обидуваме да дадеме свој придонес кон деполитизацијата и департизацијата на образованието, на најсветата општествена дејност. Во рамките на проектот „Европски перспективи (следно ниво)“, имаме една цела компонента во која се обидуваме да дадеме свој придонес во рамките на процесот за реформи во образованието, со фокус на основното образование, во доменот на мултикултурализмот и борбата против национализмот, но секако ги опфаќаме и сите прашања во врска со оваа област.“, вели претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, на панелот „Деполитизација на училиштата“.
„Се согласувам со забелешката на проф. Најчевска дека политиката мора да биде во образованието, но, во општество какво што е нашето, политиката, пред се подразбира партиска политика, за жал. Тоа е една континуирана трагедија која има длабоки секојдневни последици врз развојот на општеството и демократијата воопшто, така што да, се согласувам но политизацијата, односно политичките партии мораат да излезат од образованието.
Имаме општество во кое се што подразбира политика, всушност се ограничува на влијание, односно дејствување на одредени центри на моќ, на лимитирани бројки на луѓе кои заобиколувајќи ги, или злоупотребувајќи ги демократските стандарди и принципи во едно општество, ги наметнуваат своите идеолошки, политички, па и финансиски интереси во одредени процеси.“, се осврна Дерала на поимањето на термините „политизација“ и “партизација“ во општеството.
Дерала направи паралела помеѓу нацификацијата во образованието во време на нацизмот и во периодот на сличните политики во нашата земја од 2006 до 2016 година.
„Би сакал да внесам една историска паралела, која за жал, ден денеска ја памтат некои од нашите највозрасни граѓанки и граѓани, а тоа е „наци“ времето. Во времето на нацизмот, секој наставник морал да се приклучи на таканаречената лига на учителите, на национал-социјализмот, и потоа се приклучувале на партијата. Меѓутоа, има две скалила, каде што, ако сте сакале да бидете наставник, вие сте морале да припаѓате на таа лига, на национал-социјалистички наставници. А преку таа лига, која работела под налог на партијата на нацистите во тоа време, директно влијаеле на учениците, од нивните најмали нозе па се до универзитетските нивоа. И тоа е една политичко идеолошка индоктринација која била толку систематска, толку строга, толку забетонирана, што навистина ретко кој може и да го замисли тоа. Идентично се работело и во времето на сталинизмот, многу помеко тоа се гледа во југословенската федерација, но сепак таа индоктринација била присутна.
Гледаме дека во најновиот период на македонската историја имавме сличен таков период во времето од 2006 – 2016 во нашата земја, во која едноставно, од она што е познато, знаеме еден рапиден скок на зачленувањето на наставниот кадар во тогашната владејачка партија. Едноставно, не можете да се вработите ако не станете член на политичката партија на власт“, посочи Дерала меѓу другото.
Дијана Тахири
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети