Нашиот колега, Џабир Дерала, од Вилнус, Литванија, сподели ексклузивни информации од престижниот глобален форум на високо ниво „Иднината на демократијата“, каде Министерството за надворешни работи на Литванија го покани како говорник на панелот „Изборите во 21 век: Столбови на демократското владеење наспроти автократското исмејување“.
Меѓу другото, Дерала открива дека на отворањето на Форумот, освен Министерот за надворешни работи на Литванија, Габриелиус Ландсбергис, свое обраќање имале и лидерката на белоруската опозиција, Свјатлана Тихановскаја, како и Јулија Навалнаја, сопругата на лидерот на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални кого рускиот режим го уби на 16 февруари годинава. Форумот се одржа под засилени мерки на безбедност, а информациите за говорниците не беа достапни за јавноста до завршувањето на овој голем глобален настан.
Министерството за надворешни работи на Литванија го организира Форумот „Иднината на демократијата“ веќе четврта година по ред и во него учествуваат голем број претставници на влади, меѓународни организации, големи фондации и организации, и врвни експерти и универзитетски професори од целиот свет.
За да се заштити демократијата, а со тоа и интегритетот и изворноста на изборните процеси, столбот на демократијата, според Дерала, светот мора да ѝ помогне на Украина да победи во својата борба за слобода. Демократијата се брани во Украина. Пораз за Украина е пораз за демократкиот свет. Неговото мислење го делат и учесниците во глобалниот форум.
Воедно, Дерала ја најави и конференцијата на ЦИВИЛ „Одбрана на демократијата и човековите права“ што ќе се одржи на 12 декември, во партнерство со германската организација Медиа Дијалог, со финансиска поддршка од владата на Северна Рајна Вестфалија, Германија, а делумно поддржана и од Министерството за надворешни работи на Литванија.
Б. Јордановска