ВЕСТ НА ДЕНОТ
Пендаровски-Рубин: Дезинформациите имаат потенцијал да влијаат врз крупни политички и граѓански процеси
Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Џејмс Рубин, специјален претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент.
На средбата се разговараше за напорите и начините за справување со дезинформациите и нивното влијание врз развојот на демократските процеси на глобално ниво, соопштија од Кабинет на претседателот.
Пендаровски оцени дека дезинформациите имаат потенцијал да влијаат врз крупни политички и граѓански процеси и кај нас и во светот и поради тоа се една од приоритетните закани за националната безбедност на многу држави. Во таа насока ја нагласи потребата од постојано вложување во ресурси и вештини за нивно препознавање и разобличување, како и создавање на национални стратегии за опсежен одговор на дезинформациите
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Украинската амбасадорка Лариса Дир, во изјава за Цивил Медиа го коментира видеото од ѕверското обезглавување на украинскиот војник.
Каква дегенерација на човечката суштина треба да достигне човек за да силува дете, да убие трудница, да обезглави друг жив човек. Според мене, ова дури не е ни излишен доказ за кршење на Женевските конвенции, Конвенцијата за човекови права. Се работи за најбруталната суровост на директните убијци-џелати и раководството на Кремљ. Кремљ го промовира култот на човечкото погубување, нанесувајќи ги најтешките страдања, со што ја продолжува каузата на нацистите. Наметнувајќи духовна дегенерација, извршувајќи убиства, мачење, злоупотреба – државата наречена руска федерација сега претседава со Советот за безбедност на ОН и продолжува да зазема место во ОБСЕ. Аномалија“, реагира Амбасадорката Дир во изјавата за Цивил Медиа.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ДЕЗИНФОРМАЦИИ Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека е лага и ширење невистини тоа што го кажува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во врска со Договорот за коридорите 8 и 10 д со конзорциумот „Бехтел и Енка“.
УСТАВНИ ИЗМЕНИ Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска изјави дека работната група за уставни измени по празниците ќе се состане и ќе ги формулира предлозите, по што за нив ќе се отвори јавна дискусија.
„Овие уставни измени се во преговарачката рамка и мора да се спроведат. ВМРО-ДПМНЕ неколку пати го смени ставот. Прво бараше гаранции, а сега се крие зад хрватскиот уставен модел. Излегува дека не се проблем Бугарите туку статусот на заедниците кај нас. Излегува дека тие сакаат повеќе да ја свртат дебатата кон тоа дали се малцинства или делови од народи“, вели Маричиќ.
ДКСК Директорот на АМС, Наумче Мојсовски поднел тужба за клевета против ДКСК. Антидискриминациска на 81 седница, која се одржа пред два месеца, донесе одлука да достави иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење на актуелниот директор на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски и членовите на централната комисија поради основани сомнежи за злоупотреба и непочитување на ваучер-системот на финансирање фондации и спортски клубови во периодот од 2020, 2021 и 2022 година.
ТРАГЕДИЈА Осумгодишно дете од Скопје синоќа починало откако било нападнато од кучето на својот сосед, потврдија од Министерството за внатрешни работи (МВР).
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Украинската амбасадорка Лариса Дир, во изјава за Цивил Медиа го коментира видеото од ѕверското обезглавување на украинскиот војник.
„Каква дегенерација на човечката суштина треба да достигне човек за да силува дете, да убие трудница, да обезглави друг жив човек“, вели амбасадорката Лариса Дир.
*
„Запрепастени сме од појавувањето на 11 април на видеото на кое се гледа како руски војници егзекутираат украински заробеник. Позирајќи пред камерата, руските џелати со посебен цинизам му одземаат животот на човек“, се вели во соопштението на МНР на Украина по појавата на видеото во кое се гледа обезглавување на украински војник.
МУЛТИКУЛТУРА
Градоначалникот на Центар, Герасимовски, на средба со ЦИВИЛ: Ја имате нашата поддршка во интерес на сите граѓани, за мултикултурализам и европски вредности
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски изрази силна поддршка и интерес за соработка и заеднички активности со ЦИВИЛ како дел од активностите во проектот „Заедно за подобра иднина“, посветен на мултикултурализмот и европските вредности.
„Ние ги поддржуваме сите активности во интерес на сите граѓани“, рече градоначалникот Герасимовски, „подготвени сме да учествуваме во активностите што ги предлагате, во насока на мултикултурализмот и европските вредности. Ја имате нашата поддршка.“
Градоначалникот Герасимовски, како и секретарот на општината, Георги Трајчев, укажаа на специфичното значење на општина Центар и ги поздравија напорите на ЦИВИЛ да придонесат кон идентификување на предизвиците, но уште повеќе кон нивното надминување и отворање на перспективите на мултикултурното општество во кое се негуваат европските вредности.
АЛ-ПРЕС
Во Косово се уапсени 4 полицајци за непријавување и учество во ранувањето на лице од српска националност во Лепосавиќ, од амбасадата на САД во Приштина изразија загриженост за случувањата на северот, Српската листа реагираат на реакцијата на САД.
Ова се само дел од темите што редакцијата на ЦИВИЛ Медиа ги издвои од албанските медиуми во регионот.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Она што највеќе треба да не загрижува како општество во однос на Левица, освен уште милион чуда што секојдневно ни се приредуваат од сите можни и неможни политичари, но тука ќе се задржам на Левица и сите што ја поддржуваат, и ќе повторам како пред точно една година, е фактот во Собранието имаме про-фашистички елементи изгласани од граѓани, кој кажува дека или граѓаните што ги гласаат не препознаваат зло, или и самите се дел од злото, а судејќи по добар дел реакции од граѓани – силни поддржувачи на тотално обратната ориентација на политичкиот субјект од тоа што се нарекува (Левица) и не само на Левица, сосема се во иста ментална матрица.
Што е уште позагрижувачко од нивната посета на гробот на Енвер Хоџа.
Лично, им посакувам во најскора иднина, на ист начин, да му оддадат почит на нивниот најголем херој, Путин“, пишува Дијана Тахири во колумната „Е па Левица, ај од Енвер Хоџа па поскоро кај Путин!“.
„Добро е човек да не биде паметен во ова време или барам да не паметува, посебно ако е паметен. Мала игра на зборови што ми дојде на ум обидувајќи се да ги ставам, под еден наслов впечатоците кои ми се наметнуваат оваа недела. Кромидот стана дел од владините одлуки а за доматите има точка на Владата, пиперките се значаен дел од владината дебата. Учебници ќе има ама за следната година, оваа ја поминаа учениците без доволно учебници. Здравството секој ден е на насловните страни, смртни случаи и здравствени инспекции се менуваат како најважни вести. Експерти по уставно право ќе дебатираат, ќе анализираат и ќе предложат решение а се работи да се смени еден дел во уставот каде пишува „и други“, со мал список на делови од народи кои се наши сограѓани“, пишува Војо Маневски во колумната „Систем како пробушена кофа“.
„Турнејата поклоненија на Апасиев и лидерството на Левица од Тирана продолжила во Рим на гробницата на Мусолини, а до година се планира поклонување во Москва пред бистата на Сталин, дознава ексклузивно АХА.
Има да се клањаме кај секој фашистички и комунистички диктатор: кај Франко во Шпанија, кај Чаушеску во Романија… Ма нема да застанеме сè додека не го пронајдеме почивалиштето на Хитлер и тоа ќе биде нашата крајна поклоненичка дестинација, рекол одлучно Апасиев, пишува Рибаро во сатирата „Откако се поклонија кај Енвер Хоџа, Апасиев и Левица на поклонение кај Мусолини“.
Д. Муратов