„Токму Советот на Европа беше организацијата преку која започна нашето европско и евроатлантско интегрирање и со чија експертиза и инструменти работевме на достигнување на европските стандарди во областа на владеењето на правото, демократијата и човековите права“, изјави Талат Џафери, претседателот на Собранието во своето обраќање на „Конференција за меѓупарламентарен дијалог за понатамошно унапредување на европската интеграција на Западен Балкан“.
„Како земја, остануваме посветени и на понатамошната имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија од 2017 година, и очекуваме искрена волја од двете страни за доближување и градење доверба во решавањето на билатералните прашања.
Сега, по 17 години чекање, влегуваме во финалната фаза на процесот на пристапување. Го отпочнавме скринингот со Европската унија и веќе се наоѓаме во поодмината фаза, а сите досегашни извештаи се позитивни.
Пред нас имаме уште еден предизвик, а тоа е промената на Уставот со цел да продолжиме со преговорите по Кластери, за кои очекуваме дека ќе наметнат забрзано темпо на реформите. Сметам дека сега е вистинското време за сите политички партии кои во своите програми се залагаат за евроинтеграција, да ја демонстрираат својата посветеност и на дело“, изјави Џафери.
Џафери додаде дека од економски и безбедносен аспект Балканот е голем интерес за ЕУ, затоа е ва7но да доминира определбата за продолжување со проширувањето на ЕУ засновано на автентичните европски вредности.