Државната изборна комисија соопшти дека, заклучно со вчерашниот ден, 9 септември, 24:00 часот, заврши јавниот увид во Избирачкиот список. Јавниот увид започна на 21 август и траеше 20 дена. Во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија увид извршија вкупно 21.594 граѓани.
Во овој период донесени се 65 решенија за запишување во Избирачкиот список, 22 решенија за бришење и 133 решенија за промени на податоци во Избирачкиот список. На електронската апликација Избирачки список во овој период извршени се 203.191 проверка.
Во рок од 5 дена по завршувањето на јавниот увид, односно најдоцна до 14 септември, Државната изборна комисија ќе го достави Избирачкиот список на увид на политичките партии.
Политичките партии во рок од пет дена од добивањето на Избирачкиот список, односно најдоцна до 19 септември, можат до ДИК да поднесат барања за запишување, бришење или промени на податоци. По овие барања ДИК ќе одлучи во рок од три дена.
Избирачкиот список во кој се вклучени сите промени кои произлегле од јавниот увид, ДИК ќе го заклучи најдоцна до 24 септември.
Потсетуваме дека рокот за поднесување на листи на кандидати за градоначалници и членови на советите истекува на 14 септември во 24:00 часот. Листите се поднесуваат до надлежните општински изборни комисии.
На веб страницата на ДИК достапно е известувањето за потребните документи кои подносителите треба да ги достават во прилог на листите. Ги повикуваме сите подносители кои имаат намера да поднесат листи на кандидати, да го разгледаат известувањето кое е достапно за нивно информирање.