Градоначалникот Максим Димитриевски истакна дека е горд што Општина Куманово е еден од класичните примери во коешто функционира мултикултурното и мултиетничкото општество и дека од тој аспект прави сѐ истото да се рашири во сите пори на секојдневното општествено живеење. Ова го кажа на настанот кој е во рамки од проектот „Заедно за подобра иднина“, кој ЦИВИЛ го спроведува со поддршка од Министерството за надворешни работи и европски прашања на Големото Војводство Луксембург.
„Мултикултурализмот подразбира не само разбирање помеѓу политичарите, туку првенствено, секојдневно функционирање на сите граѓани коишто живеат во една општина и една држава. Треба да се направи јасна дистинкција во државата, во делот на тоа што значи мултикултурно општество и дека истото не претставува биетничко, туку во вистинска смисла на зборот мултикултурно.
Во следниот период ние како држава ќе мора да работиме многу повеќе на тој план, бидејќи сепак, покрај македонскиот народ во нашата општина живеат уште 9 етнички заедници, во еден граѓански систем на уредување кадешто сите имаат еднакви права и еднакви обврски. Тоа значи, сите треба да бидат соодветно уважени, на секој да се слушне нивниот збор, секој да има простор да ја искаже својата култура и традиција кон останатите, и да учиме едни од други. Токму Куманово е еден типичен пример кадешто покрај Македонците, живеат Албанци, Срби, Турци, Роми, Власи, Бошњаци, Хрвати, Црногорци и секако ги прифаќаме и Бугарите, бидејќи во последниот попис во Куманово имаме некаде околу 350 граѓани коишто се изјасниле дека припаѓаат на бугарската заедница“, рече градоначалникот на Куманово.
Димитриевски се заблагодари за иницијативата на ЦИВИЛ за којашто вели „веќе подолг временски период во соработка со Општина Куманово ја работиме заедно во делот на развојот на мултикултурализмот во Куманово и се заблагодарувам за нивниот ангажман“.
Тој додаде дека покрај соработката со ЦИВИЛ, општина Куманово има соработка со многу невладини организации во и вон државата на тема мултикултурно, мултиетничко општество и како тоа реално функционира.
камера и фото: Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети