„Мислам дека она што го правиме е есенцијално за младите во Македонија… Во МНР влегов на возраст од 23 години. Тогаш, никој не ме праша за партиска книшка. Сега, ми се чини дека загубивме една цела генерација во чекална…
Достоинството и самодовербата се важни. Патриотизмот е посвета за цел живот. Но, мора да имате храброст да се соочите со она за што зборуваше министерот Рот, да се соочите со одговорноста!
Можам да се жалам колку светот не е фер или да се соочам со реалноста и да го направам доброто за својата земја. Живееме во регион кој има многу проблеми. Многу е важно да влеземе во НАТО, за да не се прашуваме каде ќе ни бидат границите за 5 или 10 години од сега. Немаме време за губење!
Не мислам дека ќе цветаат само рози. Но, најголемата шанса за нашата земја да стане европска е да се качи на тој воз! Треба да направиме промени. За мене ова е последната шанса за мојата генерација. И ние ќе го направиме тоа, затоа што е поголемо од актуелната политика, па по цена и тоа да значи политичка саможртва…
Мојата работа е до следниот јуни да создадам услови да биде срамота за било која членка на ЕУ да не го прифати стартот на преговорите со Македонија“, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров.
М. Ивановска