Благица Димитровска од здружението „Инклузива“ од Куманово говори за различностите, младите и нивната перцепција за мултикултурализмот, како и за третманот на граѓаните со попреченост од страна на институциите.
„Во нашата земја, општо, не знам колку е на ниво меѓуетничката поделба или соживот, но можам да кажам за Куманово, кој е мултиетнички град, каде што јас не чувствувам разлика по основ на тоа која националност се луѓето, и има соживот, каде што недостига комуникацијата помеѓу младите, затоа што тие се поделени во различни училишта, македонски и албански особено, и се повеќе се чувствува јазичната разлика и се спречени да комуницираат. Што порано не беше така, тие беа во исти училишта, иако учеа различен јазик, но се дружеа на одморите и ги запознаваа јазиците на кои зборуваат. Сега се створи еден јазичен раздор, и е причина што младите воопшто не комуницираат. Младите ќе дојдат во старо доба, каде што нема воопшто да го препознаваат македонскиот или албанскиот јазик, и тоа засега е најголемиот проблем во Куманово.
Соживот има, се уште се среќаваат, се дружат, се уште има соседи од различни националности. Во однос на нашето здружение, тоа е специфично по својата работа и специфично по работата на членовите на здружението. Бидејќи се работи за лица со попреченост, односно, застапување на нивните права, и нудење услуги на оваа категорија граѓани, така што овдека нема никакви поделби. Најмал проблем е националноста, разликата на културите помеѓу граѓаните, поголем проблем е попреченоста, дали е тоа попреченост на член на семејство или е со тоа лично соочено лицето со попреченост. Без оглед на националноста, сите исто се залагаат, сите членуваат во здружението и бараат поддршка. Ние воопшто не ја чувствуваме таа различност, туку ја сметаме за едно богатство, кога мораме да се обратиме на друг јазик, бидејќи ние што ја водиме организацијата, не го познаваме другиот јазик, освен македонскиот, тука се нашите членови од другите националности. Дали е тоа ромски, српски или албански, тие преведуваат и комуницираат со јавноста во однос на оваа популација.“, вели Димитровска.
Во однос на Националната стратегија „Едно општество за сите“, Димитровска вели дека луѓето со попреченост воопшто не почувствувале дека се еднакви во општеството.
„Што се однесува за Стратегијата „Едно општество за сите“, луѓето што ги застапуваме, луѓето со попреченост воопшто не почувствуваа дека се еднакви во ова општество. Се уште има предрасуди, се уште постои дискриминација, се уште се најсиромашните луѓе, односно, на маргините, и семејствата, и лицата со попреченост. Така што, луѓето со попреченост и нивните семејства, досега немаат никаков бенефит од стратегијата „Едно општество за сите“. Имаат многу малку права, или никакви, но, и тие права што им се овозможени, се спречени да ги остваруваат поради различни бариери. Односно, физичките, комуникациските бариери, дискриминацијата на оваа категорија граѓани, ги спречува да бидат еднакви.
Во однос на новата Стратегија, препораката е дека луѓето со попреченост имаат исти права и треба да ги остваруваат, повеќе да се залагаат токму за овие најмаргинализирани групи, ако сакаме да имаме еднакво општество за сите“, порача Димитровска.
Биљана Јордановска
Обработка на текст: Дијана Тахири
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ариан Мехмети
Оваа содржина е дел од иницијативите и проектите на ЦИВИЛ за промоција на мултикултурализмот и европските вредности, со поддршка од Министерството за надворешни работи и европски прашања на Големото Војводство Луксембург. Ставовите и мислењата изнесени во овие содржини се на самите Автор(к)и и не нужно ги отсликуваат официјалните ставови на донаторите.