Синдикатот на Центарот за управување со кризи излезе со реакција по интервјуто на директорот на ЦУК, Агрон Буџаку, за МИА.
Според реакцијата на Синдикатот, на новинарското прашање за негативните конотации за наводни злоупотреби во Центарот за управување со кризи (ЦУК), директорот го избегнал одговорот, а воедно ги обвинил медиумите за неетичко известување.
„Не одговори конкретно на ниедно од бројните новинарски прашања, што беа поткрепени и со докази со конкретни бројки и документи, дадени од нас на увид за медиумите, за можните злоупотреби и пречекорувања на службена должност, а и кршење на закони… Освен Синдикатот, ги омаловажува и им се заканува и на медиумите на коишто не им одговори ништо конкретно, а едвај стигнаа до него за интервју… Повторно јавно си ја отвора ‘Пандорината кутија’, за што ќе се изјаснат и институциите, по нашето укажување за кршењето на правата, професионалноста, кариерата и стандардот на вработените во ЦУК“, стои во реакцијата на Синдикатот.
Илија Бојаровски, претседател на Синдикатот на вработените во Центарот за управување со кризи, пред два дена на прес конференција побара да се прекине со „феудализмот“ на Владата во ЦУК и конечно да се почне со редовно унапредување на кадарот во ЦУК. по долгогодишното партиско вработување.
Во своето обраќање до медиумите, Бојаровски упати и остра критика до директорот на ЦУК, како што изјави, поставен од претходната техничка влада.