Ако постои напредок во разговорите, не е исклучена можноста да се одржи нова средба на премиерите на Грција и Македонија, Алекис Ципрас и Зоран Заев, објавуваат грчките медиуми, повикувајќи се на дипломатски извори.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, според истите извори, на разговорите во Виена, бил направен напредок, а веднаш по Велигден, ќе продолжат преговорите со средба на двајцата министри за надворешни работи.
„Овој напредок ќе се покаже од подготовката во следните денови, а двајцата министри ќе бидат во континуиран контакт за ведн“, пишува грчката новинска агенција АНА –МПА.
Дипломатски извори за грчката новинска агенција, потенцирале дека целта е преговорите да стигнат до суштински одлуки што ќе го пресечат Гордиевиот јазол.
За евентуална нова средба на Зоран Заев и Алекис Ципрас, објавија и грчките телевизии во нивните централни изданија на вестите.-Двајцата министри се согласија да имаат нова средба, а ако постои суштински напредок и има позитивни одговори на прашањето, би можело да се закаже и средба на двајцата премиери, објави државната ЕРТ.
Според телевизиите Скај и Антена, Атина направила отстапки во преговорите, во однос на името, односно отстапила од барањето името да биде на македонски јазик, во еден збор, слеано и непреведено. Но, за возврат бара името да биде ерга омнес и да има промена на Уставот, посебно во членот 49.
Извор: МИА