ЏАБИР ДЕРАЛА
На самиот почеток на целосната руска инвазија против Украина, голем број интернет портали и дел од традиционалните медиуми во Северна Македонија станаа мета на пропагандата под диктат на Кремљ. Дел од нив наседнаа на пропагандните трикови, но голем број од нив „самоволно“ и „своерачно“ се впуштија во отворена проруска пропаганда.
Со интензивната пропаганда на која беше изложена македонската јавност во овој критичен период, станаа видливи ефектите од долготрајното руско влијание во сите клучни области. Така, под влијание на руската пропаганда што ја ширеа дел од медиумите и други ентитети и јавни личности, дел од јавноста во Северна Македонија со восхит и одобрување ги дочека вестите за воената инвазија на Украина.
Руската пропаганда ги негира воените злосторства во Украина
Првиот знак на колебање околу неконтролираното ширење дезинформации и руска пропаганда се бележи по откритијата на грозоморните воени злосторства. Стотици мртви тела на цивили беа пронајдени во населените места во близина на Кијив каде што руските окупатори беа еден месец, а беа потиснати во офанзивата на украинските бранителки и бранители на почетокот на април.
Тогаш, еден дел од медиумите и активните корисници на социјалните мрежи, стаписани од обемот и бруталноста на злосторствата против цивилите во Украина, се повлекоа и престанаа со своето „навивање“ за руската воена агресија. Сепак, руската пропаганда, откако помина првиот бран на јавна осуда на злосторствата, продолжи со своето дејствување, може да се рече, со уште позасилен интензитет.
По откривањето на воените злосторства се бележи засилен, не сосема неуспешен, обид да се манипулира јавноста со дезинформации и лажни тврдења дека се работи за наместени сцени. Интензивно се пласираа дезинформации дека воените злосторства не се случиле вистински и дека украинската и западната пропаганда само се обидуваат да ја оцрнат руската армија. Пропагандата отиде дотаму што бесрамно тврдеше дека жртвите не се предизвикани од Русите, туку од самите Украинци!
Руската пропаганда во медиумите и на социјалните мрежи е силно поддржана од десничарските политички партии кои не секогаш се толку отворени, како што тоа го прави партијата Левица. Сепак, прорускиот став на десничарските политички партии, иако не е деклариран јавно (најчесто немаат став), може да се идентификува преку медиумите што се под нивна контрола или преку дејствувањето на партиските трол фабрики на социјалните мрежи.
Восхит и ситење за страдањата на цивилите
Мониторингот на Цивил бележи дека, паралелно со дезинформациите во кои лажно се тврди дека „воени злосторства не се случиле“, руските и проруските пропагандисти на социјалните мрежи и во дел од медиумите изразуваат восхит и ситење за страдањата на цивилите. Тие, со користење на експлицитен говор и говор на омразата, ги одобруваат злосторствата како што се тортурата и масовни егзекуции на цели семејства, силувања на жени, деца, па дури и бебиња. Значи, од една страна – негирање, а од друга страна – восхит и ситење со тоа што истовремено го негираат. Нелогично, но функционира.
Дел од пропагандистите не само што не ги негираат злосторствата, туку и ги одобруваат и ги величаат, но со сите сили се обидуваат да негираат дека руските војници и паравоени формации крадат. Нивниот вредносен систем им дозволува да уживаат и да ги величаат разурнувањето и грозоморните тортури, убиства и силувања, но не и дека крадат апарати за домаќинството, лични предмети, облека, пари и накит од домовите и од мртвите тела на украинските цивили.
Главни пропагандни наративи: „специјална воена операција“ за „ослободување“ и „денацификација“ на Украина
Руската пропаганда упорно се обидува да ја оправда инвазијата како „специјална воена операција“ за „ослободување“ и „денацификација“, како и „спречување на геноцидот врз Русите во Украина“ и „одбрана на Русија од НАТО“. Наспроти тоа, поголемиот дел од светската јавност ги дисквалификува овие тврдења како целосно неточни и апсурдни. Тоа што го направи Русија во 2014 година и тоталната воена агресија што започна на 24 февруари 2022 година, претставува неиспровоциран акт на агресија врз суверена, мирољубива, демократска и независна држава, тотално спротивно на меѓународното право.
И тврдењата на пропагандата диктирана од Кремљ, дека во Украина не се вршат воени злосторства се побиени. Фото и видео доказите од теренот и илјадниците потресни сведоштва на жртвите од рускиот терор во Украина, како и извештаите од медиумите, релевантни меѓународни цивилни институции и организации и воено-разузнавачки извори, говорат доволно јасно за тоа што навистина се случува на теренот. Истрагите за воени злосторства веќе се во тек, а сѐ повеќе аргументи упатуваат и на фактот дека Русија спроведува геноцид во Украина.
Негирање на украинската нација, јазик и идентитет
Москва за Украина користи извонредно груб и омаловажувачки вокабулар. „Украина не постои“, „Ленин ѝ ја подари независноста на Украина“, „украинскиот јазик, култура и идентитет не постојат“ – се дел од наративите на Кремљ во интензивна, повеќегодишна пропагандна војна.
Во самата Украина, на Путин, своевремено, му успеа да инсталира и зацврсти моќни проруски структури на сите нивоа и во сите области, почнувајќи од стопанството, медиумите и граѓанското општество, завршувајќи со војската, полицијата и политичкиот естаблишмент.
Украинскиот претседател Виктор Јанукович, не работеше за украинските интереси. До мигот кога беше урната неговата власт, Јанукович работеше за исполнување на руските економски, политички и безбедносни интереси. Тој работеше на ослабување на демократските институции, а Украина ја претвори во логистички и индустриски сервис на Русија.
Украинските „шарени“ му ја поматија сметката на Путин
Во сите варијанти, на Путин му требаше Украина поради геостратешката положба и сите ресурси со кои располага. Со Јанукович на чело на земјата, тој немаше потреба да се грижи за својата „светла криминална иднина“.
Но украинските „шарени“ му ја поматија сметката (Мајданска револуција, 2014). И додека Брисел се восхитуваше на креативните демонстранти и трагаше по „неутрални“ и „објективни“ оценки на демократската транзиција во Украина, „малите зелени човечиња изникнаа“ во делови од индустрискиот исток на земјата и стратешки важниот полуостров Крим на југот и окупираа нешто повеќе од седум проценти од територијата на суверена и независна Украина.
„Маскировката“ ставена во функција долго пред инвазијата во 2014 година
Пропагандната машинерија на Путин е повеќеслојна, софистицирана и долготрајна. Методологијата на водење пропаганда влече корени од злогласната воено-пропагандна доктрина позната како „маскировка“ што се развива уште од времето на првиот лидер на Советскиот Сојуз, Владимир Илич Ленин.
Хибридната војна против Европа и Украина се интензивира најмалку пет години пред првата воена инвазија на Русија против Украина (2014 година). Европа одбра да биде „слепа“ пред страотната закана, како и пред повеќе од 80 години во пресрет на наездата на тогашните експанзионистички и милитантни режими во Германија и Италија.
Жестока пропаганда и хибридни напади против Западот
Руската пропаганда и хибридните напади во изминатата деценија беа жестоки. Таа беше насочена кон долготрајно поткопување на довербата во институциите и поредокот во земјите на Западот. Меѓу другото, пропагандата имаше цел да го прикрие систематското кршење на човековите права и слободи во Русија. Еден од начините на кој се постигнуваше целта беше релативизација (сите се исти) со што се избегнуваше или целосно се негираше одговорноста за тешката состојба во која Путиновата диктатура ги фрли руските граѓанки и граѓани.
Паралелно со тоа, гледаме величање на режимите на „цврстата рака“ и омаловажување на демократските процеси во Европа и светот. Тоа беше придружено со длабока корупција на највисоки нивоа, продор во економијата и создавање европска зависност од руските енергетски ресурси.
„Специјалната војна“ се води и на балканско тло
Во 2016 година, НАТО обелодени дека се започнати хибридни напади против дел од земјите членки на Алијансата и ја навести одлуката да се активира Член 5 од Северноатлантската спогодба. Тоа водеше кон формирање на тимови за поддршка за борба против хибридните закани во 2018 година.
„Специјалната војна“ (југословенски израз), односно хибридната војна само се интензивира во 2014 година. Ефектите од хибридните закани кои доаѓаа од Русија силно се чувствуваат во регионот на Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија. Дел од десничарските политички групации во земјата спремно ја дочекаа оваа закана и се ставија во служба на руската пропаганда која трае до денес.