oд корнер: ЗОРАН ИВАНОВ
До 3-ти јануари има уште доволно време СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ уште подоволно да се испокараат околу било што, еве, на пример, околу изборниот модел, за да можат комотно сложно да си ги одложат предвремените парламентарни само начелно договорени за 12-ти април.
Изборите на пролет никој не ги сака. Сите нешто глумат. Башка, нема ефект од нив кога земјава е во очекување на почеток на преговорите со Унијата токму во периодот околу најавените предвремени. Додатно ова со Шпанија и ратификацијата за НАТО, исто така, е неизвесно и добра, прикладна, алатка предвремените да се поттурнат за наесен во терминот за редовните.
Згора, освен врвовите на партиите чии кадри неминовнo ќе се најдат на добитните места на изборните листи, кај грото од партиската хиерархија времето до конечната одлука за избори е неизвесно. Внатре во тамошните структури, кого сѐ од сегашниве функционери меѓу, кои и многу пратеници, ќе го зафати проветрувањето, е исто така неизвесно и мотив повеќе да се однесуваат инертно спрема чинот на распуштањето на Собранието.
Не е за игнорирање и фактот што осум, девет пратеници од актуелната опозиција кои се дури и исклучени од ВМРО-ДПМНЕ гарантирано знаат дека изборите се крајот на нивната политичка кариера и дека нема да се најдат на било која изборна листа. Тоа е мотив плус за нив да не кренат рака за предвремен прекин на својата комотна и заштитничка пратеничка функција.
Ова со пржинската влада, пак, со времени министри и со други наши овдешни уникатни изборно законски дребулии какви што нема никаде во светот, бара друга, поинаква политичка зрелост. Нови разговори за Изборниот законик и особено за изборниот модел. Теми со кои двете од трите клучни партии за распуштање на парламентот, ДУИ и ДПМНЕ, се заглавија во сопствениот амандмански ќорсокак. И епилогот од оваа илјадно амандманска блокада, оваа договорена играрија, би можела да резултира со изборна премисла.
И на крај, што толку се палат и медиумите и јавноста за тоа кој ќе бил времен премиер, кој времен министер. Имаме и светски рекордер во тоа со министер за еден ден, конкретно на полицијата, во една претходна, исто така пржинска влада, па ефектите беа комични. Зашто кој и да биде времен премиер и кој и да биде времен министер на неколкуте посочени, наводно за изборите клучни ресори, има само контролна улога и е без никакви овластувања освен тука и таму можност за по неколку кадровски поместувања удолу или угоре и, толку.
Уште колку ли децении ќе ѝ требаат на македонската политика да созрее и да се обучи да гради стабилна и институционално зрела и одговорна држава е прашање за многу долари. Се покажа дека и на овие партиски генерации им е поважна непродуктивна власт отколку продуктивни реформи. Власт како привилегија отколку власт како кормило преку кое ќе броди до/со/кон просперитетна држава.
Дотогаш, дотогаш, ние граѓаните како на крос – трк сите на избори.
Сите права се задржани. Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста.