Регионален форум „Депонии: Каде и кога?“ ќе се одржи денеска во Тетово во организација на Цивика Мобилитас, на кој уште еднаш ќе се актуелизира долгогодишниот проблем со депониите и барањето решенија за нив.
На форумот ќе се обратат градоналачниците на Тетово, Гостивар, Струга, Јегуновце, Желино, Теута Арифи, Арбен Таравари, Рамиз Мерко, Дарко Блажески и Бљерим Сејди. Планирано е и обрќање на Ана Каранфилова-Мазневска, раководител на сектор за управување со отпад во Министерството за животна средина и просторно планирање, Фатмир Саити, директор на Центарот за развој на полошкиот плански регион и Арианит Џафери, претседател на Еко герила.
Во Македонија има 54 комунални депонии, кои ги загадуваат подземните води, почвата и воздухот, а експертите проценуваат дека 16 депонии се со висок, 16 со среден, а 19 со низок ризик за животната средина.
Единствено, скопската депонија „Дрисла“ има интегрирана дозвола за управување со отпад, а покрај комуналните, кои најчесто не ги исполнуваат минималните технички услови за да аплицираат за добивање дозвола, во Македонија има уште околу илјада диви депонии.
Досегашните напори да се завршат и профункционираат регионалните депонии останале без успех делумно и заради отпорот на локалното население, кое не дозволува тие да бидат лоцирани во околината на нивните населени места.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.