По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на жените, претседателот Стево Пендаровски упати порака:
„Денеска кога ја одбележуваме борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност, како и достигнувањата во повеќе сфери, да се потсетиме дека борбата за женските права е секојдневна и сѐ уште е борба за еднаквост и достоинствен живот.
Покрај зголемената свест за правата на жените, донесените законски решенија и програми, на патот кон еднаквоста ни остануваат многу предизвици во однос на доследната имплементација на политиките, како и во поглед на образованието и промената на родовите стереотипи и норми. Жените сѐ уште не се доволно застапени на политичките и економските позиции каде се носат клучните одлуки, а економската нееднаквост е јасно видлива и во бројни сектори каде жените се соочуваат со дискриминација и во поглед на платата и во поглед на пристапот и работните услови. Потребата од системско и доследно законско постапување на релевантните институции е клучно кон спречување и заштита од насилство врз жените.
Родовата еднаквост е предуслов за слободно, развиено, демократско, праведно и отворено општество. Ги поздравувам заложбите на сите чинители кои работат на унапредување на родовата еднаквост и создавање на општество во кое жените сами ќе ги носат своите животни одлуки, ослободени од родово базирано насилство и сексизам, општество во кое на девојчињата нема да им биде спречен развојот поради предрасуди и стереотипи. Честит 8 Март“, порача претседателот Стево Пендаровски.
Силата на жената е огромна и посакувам чествувањето и почитта да бидат составен и природен дел на нашето секојдневием затоа што таа е тука кога се раѓа нов живот, кога се развива, воспитува, гради во здрав поединец, во творец и вреден придонесител за семејството, за општеството, таа е главната компонента која го облагородува секој миг и секое општествено делување, се вели во честитката од претседателот на Собранието Талат Џафери по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март.
На Меѓународниот ден на жената, Џафери потсетува дека родовата еднаквост значи и одржлива иднина.
Џафери посакува жените секогаш да бидат среќни во личниот живот, исполнети во професионалниот живот и задоволни со постигнувањата, но, секогаш да имаат волја и енергија за постигнување на понатамошни успеси, затоа што тогаш, како што додава, нивниот придонес ќе биде уште поголем во градењето на здрави семејства и општества.
-Дозволете во мое лично име и од име на Собранието да го честитам Меѓународниот ден на жената – 8 Март, денот кога изразуваме чест и почит кон силата на жената, кон нејзината улога во семејството, во општеството и во светот, меѓутоа над сѐ кон неа како суштински и нераскинлив дел во нашето битисување како човечки род. „Книга, молив, жена и дете може да го сменат светот,“ вели Малала Јусуфзаи. И јас сум уверен дека денешнината ќе изгледаше многу поинаку водена од жените. Нека е честит Меѓународниот ден на жената, се вели во честитката на Џафери.