По обвинувањата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека Државниот завод за статитскиа фабрикува извештаи по нарачка на Владата, со свој став и демант излезе директорот на ДЗС, Апостол Симовски и целосно ги отфрли и демантира изјавите на Мицкоски како лажни и неточни.
„Државниот завод за статистика е професионална и независна институција, чија што работа е под постојан мониторинг и евалуација на Евростат, додека пак економските и монетарните статистики истовремено се и под мониторинг на ММФ. Поради изнесените клевети, Државниот завод за статистика ќе поднесе тужба за клевета до г. Мицкоски и до ВМРО-ДПМНЕ“, стои во соопштението од ДЗС.
Во однос на Пописот на население, домаќинства и станови, Државниот завод за статистика информира дека, согласно воспоставената меѓународна пракса и искуство, пописните и изборните активности не можат да се одвиваат паралелно. Во таа насока, Државниот завод за статистика ќе даде предлог до Министерството за правда, кое е официјален предлагач на Законот за попис на население, домаќинства и станови, периодот на спроведување на Пописот да се пролонгира за април 2021 година, а Законот за Попис на население, домаќинства и станови да биде донесен пред формирање на техничката Влада.
„Државниот завод за статистика изјавува дека е подготвен за разгледување на можностите за усогласување на сите отворени забелешки поврзани со Пописот со сите релевантни чинители во државава“, соопштува ДЗС.