„Ние 11 години се боревме против режим, и залагањата на СДСМ се да има еднакво општесто за сите, без разлика на партиската припадност. Изјавата од една средба со граѓан(к)ите во Шуто Оризари е извадена од контекст, со тоа што сум рекол дека секој што ќе има членска карта на СДСМ, ќе му биде како втора лична карта, мислев дека времето на Амди Бајрам помина и дека членската карта нема да им служи за некакви бенефити, како што тоа го правеше претходната власт“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, пратеникот на СДСМ, Курто Дудуш.
Дудуш посочи дека секој што направил некаков прекршок ќе одговара, без разлика на тоа дали е член на СДСМ.
„Човечки е да се извинам ако некој е повреден од мојата изјава која е погрешно пренесена и протолкувана. На тој состанок имаше граѓан(к)и кои имаа пониско образование и морав, преку поенти, да им објаснам дека не може со членска карта да се кинат казни, или со членска карта да се оди на лекар “, додава Дудуш.
Тој потенцираше дека „времето на Амди Бајрам помина“ и дека медиумите треба да го сфатат ромското прашање посериозно, оти Ромите „немаат повеќе време да се бават со циркуска политика“.
Дудуш истакна дека ќе поднесе оставка од пратеничката функција доколку во иднина медиумите откријат дека ја злоупотребува својата функција за партиски цели и дека работи спротивно од заложбите за подобро и еднакво општество за сите.
Камера и текст: Дехран Муратов
Монтажа: Маја Ивановска