Амбасадата на Украина во Северна Македонија организираше настан и изложба за одбележување на Меѓународниот ден за заштита на децата и 4 јуни, ден кој Украина го одбележа во спомен на децата што загинаа како резултат на руската агресија во Украина. Настанот се одржа на 9 јуни во Музејот на макеоднската борба за самостојност.
Во продолжение излагањето на проф. д-р Ратко Дуев, Декан на Филозофскиот факултет во Скопје:
„Денес го одбележуваме Меѓународниот ден за заштита на децата, знаеме дека децата се една третина од населението во светот и целата негова иднина. Одбележувањето на овој ден означува дека сите ние јасно ја отфрламе војната, без оглед на причините што ќе ги измислат политичарите или медиумите, бидејќи војната е општо зло, војна против невините, војна против деца. Затоа мора да ги штитиме семејствата, да ги штитиме децата, кои имаат неотуѓиви права и треба да бидат сакани и не треба да се носат на свет само да страдаат. Ако ги негуваме соништата на децата, светот ќе биде благословен.
Јасно е дека децата сѐ повеќе се мети, а не случајни жртви на вооружените конфликти. Војната во Украина и агресијата на Русија го потврдува тоа. Од почетокот на агресијата загинале 484 украински деца, 992 биле повредени, 393 се сметаат исчезнати, а 19.505 биле насилно депортирани во Русија.
Зошто светот не учи од историјата, и зошто е осуден да ја повторува? Во случајот со Украина таа безмилосно се повторува. Гладоморот во Украина од 1932 до 1933 г., е една од најголемите трагедии во историјата на човештвото, во која животот го загубиле преку 10 милиони луѓе, Украинци, и сите оние на кои сталинистичката идеологија им пресудила во име на изопачената глорификација на советското општество за создавање на модерна и пролетерска украинска нација по цена и на нејзина ликвидација, и со скриена намера преку мотото дека комунизмот произведува одвишок храна да се пресмета со бунтот и отпорот на Украинците. Неразумно е во најголемата европска житница селаните и населението да умираат од глад без никој да им помогне, а најголемиот непријател на државата да стане обичниот човек кој доколку скрие храна за да го спаси животот на своите деца бил осудуван на смрт.
Денес оправданието за агресија на руската јавност и е претставена како неминовна „денацификација на Украина“ и враќање на „Античка Русија“, термини кои ме застрашуваaт. Со терминот „Денацификација“ се означува сојузничката иницијатива за ослободување на германското и австриското општество, култура, печат, економија, судство и политика од националсоцијалистичкото влијание. Но тоа е завршен процес. Зарем во современа Украина, во ера на глобализација и мултикултурни општества опстоил националсоцијализмот?
За време на Гладоморот оправданието е „Декулакизацијата на богатите селани“ и нејзините извршители, како засилување на комунистичката економија и победа над недовербата во советскиот систем во светот и доказ за неговата сила како единствен систем што произведува вишок на храна. Набргу пространите плодни степи наместо полни со жито и плодови биле прекриени со човечки изгладнети и изморени тела. Набргу и немало кој да работи на полињата па присилно се доселувани лица од други краишта на СССР. Дали овој чин скроен во главата на Сталин се разликува од оној договорен на Вансејската конференција близу Берлин што претставувало расна хигиена, и обезбедување на „Простор за живеење“ на нивната самопрогласена „чиста раса“ со систематско истребување на цели народи? Дека целта не била само насилна колективизација и јакнење на комунистичката економија зборуваат податоците што во исто време биле уапсени десетици илјади украински учители и интелектуалци и биле отстранети сите книги напишани на украински јазик од училиштата и библиотеките.
Денес повторно украинските житници се полни барут и човечки тела наместо жито, повторно доселување на руски војници, но за разлика од минатото и силен вооружен отпор на украинскиот народ и поддршка на светската демократска јавност. Јасно е дека и „декулакизација“ и „денацификацијата“ се параван за вековниот руски обид за „деукраинизација“.
„Мирот е доблест на цивилизацијата. Војната е нејзино злосторство“ велел Виктор Иго.
Зошто ова злосторство наидува на поддршка во руската јавност? И покрај цензурата, во време на социјални медиуми и многу современи комуникациски платформи и технологии злоделата се достапни до нив. Зарем погледот на едно невино дете не може да поттикне емоција кај нив? Каде се добрите луѓе?
Војната понекогаш е неопходно зло. Но, колку и да е потребна, секогаш е зло, никогаш добро. Нема да научиме како да живееме заедно во мир убивајќи ги децата.
За секоја голема трагедија со која се соочила човештвото, науката постојано бара одговор за тоа зошто се јавува дехуманизацијата, што се случува во човечкиот мозок за да другиот го смета за помалку човек и со што се оправдува неговото ѕверско однесување, при тоа не предизвикан од никаков непријателски акт.
Во тогашниот СССР Гладоморот станал забранета тема. И покрај укажувањата на Украинците и сите докази за неделата, дури во 2007 г. Европскиот парламент ќе го признае Гладоморот како геноцид, по цели 75 г. Како народ и ние паметиме геноцид, можеби не во толкав обем и во време на војна, но не верувам дека некогаш ќе дочекам да биде признаен. Признанието не носи утеха на денешните генерации, минатото не може да се врати, младите се свртени кон иднината. Признанието е победа на гласноста на добрите луѓе, бидејќи „Оние кои не го паметат минатото се осудени да го повторуваат.“
Со поддршката на Украина и со нашата гласност, придонесуваме за заштита на украинските деца, ние сме глас против војната против невините, војната против децата. Светот видел многу тирани низ историјата, во својата моќ се чинеле непобедливи, но памтете на крајот тие секогаш паѓале. Се надевам дека ќе победи разумот на добрите луѓе каде и да се, ќе ги срушат тираните, во името на украинските деца во името на нашата иднина, но и веднаш да работат да изградиме систем и општество во кое децата нема да бидат мети, ниту жртви на вооружените конфликти“.