Очекувањата на Државната изборна комисија дека брзо ќе се одлучува по приговорите од подносителите на листи на кандидати, резултираа со десет минутна пауза и скоро два часа одлучување за еден приговор.
Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со 40 приговори може да ја развлече седницата до доцни часови, со оглед дека решавањето на првиот приговор помина со видни тензии и поинакви толкувања на Изборниот законик.
Првиот приговор за избирачките места 1356 и 1411 во Прилеп поттикна дискусија меѓу членовите на Државната изборна комисија. На тапет беа избирачките одбори и нивниот степен на едукација.
Во утврдување каде е грешката и кој е виновникот, членовите на ДИК понудија и свои толкувања на исти членови од Изборниот законик.
Веродостојноста на случајот ја потврди оригиналниот записник доставен во архивата на ДИК, а не копиите.
И додека претставниците на ВМРО-ДПМНЕ не отстапуваа од своето дека мора да се прегласува во овие две избирачки места, конечната одлука, со девет гласа-против, беше одбивање на приговорот.
„За политичката партија којашто приговара овој записник не е важечки. Оттаму барам да биде прифатен приговорот“, заклучи Силвана Бонева.
„Приговорот се заснова на копија што ја добива секој присутен од политичката партија во време на сочинување на записникот, на потпишување на оригиналот и од тоа добива една копија. Не држи размислувањето дека политичките партии добиле друг записник… Сите видовме дека оригиналот е уреден и потпишан и овој приговор треба да биде одбиен“, реплицираше Виолета Дума, членка на ДИК.
Во тек е седницата на ДИК, на која се разгледува четвртиот приговор. Три приговори на ВМРО-ДПМНЕ досега се одбиени.
Биљана Јордановска