Еден убиен, двајца ранети и четворица уапсени по синоќешната вооружена престрелка во Топанско Поле.
Според информации на Министерството за внатрешни работи околу полноќ добиле пријава од Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ дека кај нив со повреди од огнено оружје биле донесени Х.Б.(35) и А.Д.(35), двајцата од Скопје, и дека подоцна Х.Б. починал, а над А.Д. била извршена интервенција и бил задржан на лекување.
-По преземени мерки било утврдено дека тие претходно учествувале во вооружена престрелка на подрачјето на Чаир. Поради повреди од огнено оружје, во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ бил пренесен и Н.Д. од Скопје. Исто така, по преземени мерки, а поради сомнение дека учествувале во престрелката, полициски службеници од СВР Скопје околу 01.40 часот во болницата го лишиле од слобода Б.Б.(39) од Скопје, на подрачјето на Чаир го лишиле од слобода Н.Д.(22) од Скопје, додека, подоцна биле пронајдени и лишени од слобода Р.Р.(41) и К.Т.(28), двајцата од Скопје, првично соопштува МВР.
Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на лице место во скопската општина Чаир, каде во оружен инцидент ноќеска беше убиено едно лице, а двајца беа повредени.
Според првичните сознанија, во престрелката учествувале повеќе лица, а од местото на настанот се подигнати траги и чаури кои ќе бидат предмет на вештачење. Обезбедени се и снимки од видео надзор кои се прегледуваат. Исто така, издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот, а се работи на целосно испитување на настанот и утврдување на причините.
Според медиумите ранети се Бесник Буњаку, Аритон Дарлишта, а убиениот е Хебиб Буњаку. Убиениот Хебиб и ранетиот Бесник се синови на Екрем Буњаку од ДУИ. Екрем во минатото беше директор на Државната техничка инспекција.
Поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зекири се огласи на социјалните мрежи по смртта на Хабиб Буњаку, син на Екрем Буњаку од ДУИ кој осум години беше директор на Техничка инспекција.
„На Аллах му припаѓаме и на Него ќе се вратиме (На Аллах му припаѓаме и Нему ќе се вратиме)
Го загубивме нашиот пријател, брат и најдобриот, дарежлив и мудар син, нашиот Хебиб.
Аллах да те награди со рај брат!!!
Аллах да го зголеми трпението на семејството Буњаку“, напиша Зекири на социјалните мрежи.
Д.М.