Европската комисија денеска ги прави последните проверки на текстовите од Извештаите на напредок за земјите од Западниот Балкан. Овие редовни извештаи на европската администрација за напредокот на земјите од регионот во исполнување на европските агенди пред јавноста ќе биде презентиран во текот на утрешниот ден.
Како што дознава НОВА, во овој прв извештај по одобрување на условениот старт за преговори, генералната оценка е подобра од минатогодишната, пред сѐ, поради усогласеноста на надворешната и безбедносната политика со онаа на ЕУ што официјално Скопје јасно ја демонстрираше со поддршката за Украина и спроведувањето на санкциите кон Русија. Во извештајот позитивно се оценети напорите на Владата да го одржи ресорскиот курс на државата и патот кон членство во ЕУ. Во извештајот се препорачува земјата да продолжи по истиот пат со засилена динамика. Во однос на спроведувањето од обврските во европската агенда, Брисел упатува и апел за конструктивност до опозицијата, како и за потврдување на декларираниот политички консензус за членство во ЕУ преку потребните промени во Уставот, кои се услов за старт на преговори по започнатиот скрининг процес кој ќе трае до средината на наредната година.
Оценките на Извештајот во повеќе области се идентични како и во оној од минатата година. Во клучните области како што се реформите во судството и борбата против корупцијата ЕК констатира умерен напредок и повикува на имплементација на законите неопходна за ефикасна борба против корупцијата и зголемувањето на ефикасноста на правосудниот систем
Во однос на медиумите, извештајот е речиси идентичен на ланскиот. Се оценува дека е потребно да се продолжат напорите за саморегулација, проследени со конкретни резултати за напредок во професионалните стандарди на новинарството, како и поголема транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции и политичките партии. ЕК и оваа година апелира до државата да се зголемат напорите за реформа на јавниот радиодифузен сервис, обезбедувајќи ја неговата независност и финансиска одржливост.
Во текот на скрининг процесот кој започна минатиот месец се очекува да бидат лоцирани детали за усогласеноста на системот со европските стандарди и, пред сѐ, недостатоците кои произлегуваат од несоодветно имплементирање на законските решенија предвидени со европската агенда. Скрининг процесот воедно ќе биде многу појасен патоказ за движењето на државата кон крајната цел – членство во ЕУ.
Во пакетот извештаи за напредок кој ќе биде презентиран утре во Брисел најкритичен се очекува да биде оној за Србија поради односите на Белград со Москва и неусогласеноста на Србија со заедничката надворешна и безбедносна политика на Србија со онаа на ЕУ. Критична точка за Србија ќе биде и слободата на медиумите.
Борјан Јовановски/НОВАТВ.МК