Во Тирана се одржа дванаесеттата Парада на Гордоста под мотото „Секоја боја, едно семејство“ (Çdo ngjyrë një familje).
Ова е продолжение на заложбите на ЛГБТИ заедницата и активистите за човекови права во Албанија кои се залагаат за рамноправност и се борат против дискриминацијата и малтретирањето на припадниците на оваа заедница.
Наспроти дождот, неколку стотици активисти за права на ЛГБТИ заедницата маршираа денеска низ Тирана. Ним им се придружија активисти на граѓанското општество, како и претставници на дипломатскиот кор во земјата. Меѓу дипломатите се најдоа и амбасадорите на Велика Британија Аластер Кинг-Смит и на Италија, Силвио Гонзато.
Парадата започна кај инсталацијата „Реја“, за да продолжи по булеварот „Дешморет е Комбит“ до Претседателската зграда, а потоа повторно се врати во „Реја“.
Во текот на изминатиот период, ЛГБТИ заедницата беше соочена со говор на омраза и со контрапротест во текот на вчерашниот ден, но денешните настани поминаа мирно и без инциденти.
Од Тирана, специјално за ЦИВИЛ МЕДИА (текст и фото): Јасмина Џафери