Претседателот на Турција Реџеп Тајип Ердоган изјави дека е подготвен да ја даде сета потребна поддршка за почеток на преговарачкиот процес меѓу Украина и Руската Федерација, вклучително и помош и посредување во процесот во Истанбул.
Ердоган изразил релевантна намера за време на телефонскиот разговор со претседателот на Украина Володимир Зеленски, пренесува Укринформ повикувајќи се на Дирекцијата за комуникации на администрацијата на претседателот на Турција.
Најголемата желба на Турција е воспоставување мир во Украина, нагласи Ердоган. Тој наведе и дека се прават напори според планот што го подготвија Обединетите нации за снабдување со украински житни производи на светскиот пазар.
Ердоган истакна дека решението меѓу Украина и Русија во секој случај ќе биде направено по дипломатски пат, па преговарачката маса треба да биде отворена.
„Претседателот Ердоган изрази подготвеност да ја обезбеди сета потребна поддршка, вклучително олеснување и посредување во рамките на процесот во Истанбул“, се вели во соопштението.
Ердоган му се заблагодари и на Зеленски за честитките на турски јазик по повод Курбан Бајрами.
Според Дирекцијата за комуникации, претседателот Ердоган имал разговор и со Владимир Путин, при што рекол дека е време да се преземат мерки за планот на ОН за создавање безбеден коридор за извоз на жито во Црното Море.
Според Ердоган, војната меѓу Украина и Русија треба да заврши со „долг и праведен мир“ и тоа да се постигне преку преговори.
„Турција е подготвена да ги даде сите можни придонеси за ревитализација на преговарачкиот процес“, рече тој.
Претседателот на Украина Володимир Зеленски имал телефонски разговор со претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган, при што разговарале за важноста од деблокирање на украинските пристаништа и продолжување на извозот на жито, како и за спречување Русија да го изнесе украинското жито од окупираните територии.
Подготви: Д.Мишев