Бројот на жртвите од земјотресите во Турција се искачи на 35.418, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Вкупно 13.208 повредени сè уште се наоѓаат на болничко лекување по минатонеделните земјотреси, додаде тој.
Ердоган рече дека спасувачката акција ќе продолжи се додека не се спаси и последниот човек од под урнатите згради. Според него, околу 250.000 вработени се на терен во зоните на потресот.
Секоја земја би се соочила со проблемите со кои ние се соочивме во случај на таква природна катастрофа, истакна Ердоган споредувајќи ги земјотресите со атомска бомба.
Ердоган нагласи дека урнатите згради ја потсетуваат Владата на потребата од построги градежни прописи. Според него, повеќе од 2,2 милиони луѓе ги напуштиле подрачјата погодени од земјотресите.
Земјотресите од 6 февруари, со интензитет од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала, сериозно погодија десет окрузи во јужна и југоисточна Турција, како и во соседна Сирија.