ЗОРАН ИВАНОВ
Со посебна сета мнозинството се сеќаваме на Прибе кого партиските лидерства го напудија и му поплукаа по домашните задачи што им ги подели за да можат долго да нè држат овде вкопани во нивните криминали, корупции, тендеризми, партизми, непотизми, деспотизми и, еве и сега некако идентично со Ескобар кој вака заглибени дојде да нè поттурне на европскиот пат при што, сосема е јасно, човекот договорил сет компромиси кои, евидентно е, по примерот на Преспанскиот и НАТО, дел се репризни и, се разбира, сето повторно на штета на и онака урнатиот правен поредок, но и како пак поинаку со политичкиот примитивизам на нашиве кои, еве, Америте одамна научија дека кога не им функционира политичката еволуција, читај морковот, со нив е можно само со политичка револуција, читај стапот, а цената, овој пат за ЕУ, како што се наѕира и со промените во кривичниот, ниска, висока, засега е таква каква што е, а дали ќе е и конечна, дали криминогените партиски апетити можат да пораснат над договореното, кажано во оваа една реченица, кај и да е бргу ќе се покаже, ќе се дефинира епилогот за уставните и ќе се разјасни дали, наметнато, не наметнато, сеедно, договореното ќе се испочитува или опозицијата, која државните и националните интереси упорно си ги реди зад своите партиски, и натаму ќе уценува и ќе глави сè додека не издејствува сите нејзини љубими хохштаплери да ги донесе дома слободно да си се брчкаат во украденото или пак, во интерес на македонската перспектива, власта ќе биде принудена повторно да крикне – Ескобар, аман враќајсе!