Стартот на преговорите за членство и со Северна Македонија и со Албанија останува главен приоритет за ЕУ. Фокусот сега е на постигнување договор меѓу земјите членки за преговарачката рамка, додека истовремено Софија и Скопје работат со цел постигнување договор за билатералните прашања, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир на отворањето на амбасадорската тркалезна маса „Пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ: долга, (не)завршена приказна – Одржливост на македонскиот надворешнополитички курс“, во организација на Советот на амбасадори.
Гир нагласи дека нема магична топка за да знае што ќе се случува претстојнава година, но изрази уверување дека без разлика на се ЕУ ќе остане покрај нас и ќе помогне на секое ниво и секој наш чекор од патот, пренесува информативната агенција МИА.
Во своето обраќање, евроамбасадорот Гир, исто така, го поздрави новиот интензивен контакт меѓу Бугарија и Северна Македонија, за кој посочи дека дава „свеж поттик за билатералните врски“ и дека ЕУ ги поддржува и Софија и Скопје да го искористат моментумот за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за постојните билатерални прашања, со што ќе се отвори патот за што е можно побрзо одржување на првата меѓувладина конференција.
– Отворањето на преговорите ќе биде пресвртница за евроинтеграциите на државата. Ќе означи интензивирање на практичните напори на Северна Македонија за усогласување со европското законодавство и стандарди. Многу од одговорностите ќе ги понесе Владата, но ќе бара и структурно и експертско вклучување во процесот на преговори, додека истовремено ќе се продолжи со реформите. Партиите од опозицијата ќе треба да продолжат со конструктивен придонес, особено преку работата во Парламентот, додека Собранието ќе треба да ја зајакне својата улога, како форум за конструктивна политичка дебата, особено за ЕУ реформската агенда, истакна Гир.
Медиумите, посочи Гир, ќе треба да ја информираат навремено и точно јавноста за напредокот на пристапниот процес и да бидат чувар на јавниот интерес, додека цивилното општество, академскиот и бизнис сектор, исто така, ќе имаат клучна улога за промовирање и промовирање на потребните реформи, но и да придонесуваат со идеи и да работат на зголемување на свесноста за прашањата кои треба да се решат.
– Пристапните процеси се огромна задача и бараат голем напор и заедничка работа, како и соработка и дебата од сите засегнати страни во земјата. Тоа е всушност првата порака што ја дадов кога пристигнав во земјава и ќе остане порака што ја истакнуваме со моите колеги од ЕУ, изјави Гир.
Реформите, нагласи Гир, првично се насочени кон подобрување на животот на граѓаните и нивната ефикасна промена и не само што ќе донесат опиплива корист за луѓето, туку и ќе го придвижат процесот кон полноправното членство на земјата.
– Предизвикот за Северна Македонија е да го задржи и зголеми нивото на реформи, особено во клучните области. Владеењето на правото и клучните елементи како независниот судски систем и борбата против корупцијата се оценуваат на секој чекор од пристапниот процес и остануваат клучен фактор за оценка на целокупната подготвеност. Добро функционален правен систем создава безбедност и доверба на граѓаните дека нивните права се заштитени и сите злоупотреби ќе бидат санкционирани, без разлика кој ги направил, но и создава еднакви услови за игра на сите бизниси, што е клучно за надворешните инвеститори и ја зголемува довербата во институциите, изјави Гир.
Претседателот Стево Пендаровски на денешата амбасадорска тркалезна маса „Пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ: долга, (не)завршена приказна – Одржливост на македонскиот надворешнополитички курс“ рече: Намалена е поддршката на граѓаните за членство во ЕУ, довербата опаѓа, а и во целина – нема добри вести во регионот околу проширувањето. Економската интеграција треба да оди паралелно со политичката. Доколку овие процеси се движат одвоено, како што постојат заложби, можно е да имаме извесен економски раст, но да бидеме управувани од автократи. Подлогата за тоа е поставена, антизападната реторика во медиумите во целиот регион е во неверојатен пораст и има тенденција да стане доминантна ако веќе не е, а и како регион назадуваме во демократијата.
Според Пендаровски, ако земјава и годинава не ги почне преговорите со ЕУ, ќе комплетира 17 години чекање пред вратата со што значително ќе се приближи до неславниот рекорд на Турција.
Тој порача дека ЕУ нема ниту една рационална, стратешка или тактичка причина да се плаши од влегувањето на Западерн Балкан зашто и економскиот и демографскиот ефект на сите шест земји би бил далеку помал од влезот на која било друго држава што претходно станала член.
-Проширувањето во целина е де факто замрзнато неколку години наназад. Ако сме реални, треба да кажеме дека ЕУ се уште, за жал, е свртена кон внатре и има дебати како треба да изгледа иднината на Европа. Добар дел од надворешната политика моментно е прекоупирана со кризата во Украина, но потребен е посебен ангажман на Западен Балкан, истакна претседателот.
За одржливоста на македонскиот надворешнополитички курс, рече дека за жал, постојат извесни негативни тенденции.
-Се повеќе анкети покажуваат дека се намалува поддршката за европските интеграции, се намалува повеќе од просекот на Западен Балкан или, со други зборови, се повеќе наши граѓани се изјаснуваат во прилог на некоја од можните алтернативи на ЕУ. Генерално, сликата не е толку темна и лоша. Се уште добро котираме во тој дел зашто направивме прилично тешки компромиси за кои плативме голема цена, а дел од таа цена е намалената поддршка од граѓаните кои сметаат да бидеме веќе длабоко во преговори со ЕУ. Таа цена, ако продолжи блокадата, очекувам да се зголемува зашто годинава ќе комплетираме 17 години како земја кандидат за членство. Се повеќе се приближуваме до неславниот рекорд на Турција која со децении преговара и е практично замрзната во преговорите, рече Пендаровски.
Тој напомена дека без поддршка на граѓаните, курсот на надворешната политика не може да биде одржлив. Но, важен сегмент за одржливоста, укажа, е и борбата против клиентелизмот и корупцијата.
-Ако сакаме да бидеме дел од западноеврпките организации и да имаме поддршка од граѓаните, тука ќе треба да покажеме добри резултати, посочи Пендаровски.
Според него, добри вести стигнуваат од двата мотора – Германија и Франција. Новата германска Влада продолжува со несмалено темпо да ја поддржува интеграцијата на Западен Балкан, посебно на земјава, а Франција и наспроти фактот дека ќе има претседателски избори, настапува со сосема поинаква реторика.
-По моја проценка последните два настапа на францускиот претседател е реторика неколку нивоа над во прилог на интеграцијата на регионот. Тој вели дека Западен Балкан не е само географски дел од Европа и дека не смее повторно да му се заврти грб. Тоа е добро, напомена Пендаровски.
За нонпејперите од непознато потекло кои циркулираа во регионот, оцени дека не успеаја да направат рефлексија врз надворешните политики на европските држави, освен во медиумите.
-Сепак, не влијаеа врз политиките на главните европски центри или на сите членки на ЕУ, посебно иницијалниот нонпејпр во кој се зборува наводно за конечно решение на југословенскиот распад. Во суштина се зборува за промнена на границите. Тоа е добро што по мене покажува дека веројатно неформалниот иницијатор на тие нонпејпери доаѓа од регионот, не од Европа и пошироко, рече Пендаровски.
Тој смета дека е одлична вест засилениот ангажман на европската заедница во Западен Балкан. Првпат по 30 години независност, предочи, посебни пратеници од три држави во ист период се занимаваат со регионот.
Пендаровски се осврна и на безбедноста во регионот, спомнувајќи ја ситуацијата со БиХ, но и дијалогот Приштина – Белград кој, како што истакна, се одвива со забавено тепмо и главно на техничко ниво.
На крај заклучи дека не може да има подобра регионална соработка ако нема добра регионална инфраструктура, порача Пендаровски и ја повика ЕУ побрзо да го реализира Планот за обнова зашто и тоа придонесува за поголема поддршка и доверба од граѓаните.
Во поздравната реч, претседателот на Советот на амбасадаори, Мухамед Халили истакна дека насловот на дебатата е базиран на две претпоставки и една констатција.
-Првата претпоставка е дека нема никогаш да заврши интеграцијата на земјите од Западен Балкан, а втората е дека процесот ќе заврши. Двете претпоставки се базирани на декларациите на самитите на Европскиот совет, од 2003 до 2020 година. Првата претпоставка нема резон да опстои зашто иднината на Западен Балкан е во ЕУ и тука нема дилеми. И втората дилема мислам дека е разрешена зашто е јасно искажана заложбата на земјите членки на ЕУ дека државите од Западен Балкан имаат европска перспектива, подвлече Халили.
Амбасадорската тркалезна маса „Пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ: долга, (не)завршена приказна – Одржливост на македонскиот надворешнополитички курс“ се одржува во Клубот на пратеници во Скопје, во организација на Советот на амбасадори. Говорници се и вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, министерот за надворешни работи Бујар Османи, претседателот на собраниската Комисија за надворешни работи Антонио Милошоски, како и евроамбасадорот Дејвид Гир. Ќе зборуваат и амбасадорите на Италија, Словенија, Франција, Холандија, замениците шефови на мисии од амбасадите на Германија и САД, како и поранешните амбасадори Мухамед Халили, Александра Наќева-Ружин, Љупчо Арсовски, Тихомир Илиевски и Ѓорѓи Филипов.
Амбасадорската тркалезна маса е годишен настан на Советот на амбасадори, организиран под покровителство на претседателот Стево Пендаровски. Настанот е поддржан од дипломатската заедница во земјата и веќе прераснува во традиција.