ЦИВИЛ организира работилница во Гостивар на тема: „Учество во креирање политики, јакнење на јавната свест и промоција на европските вредности, мултикултурализмот и недискриминацијата на локално ниво“. Работилницата ќе се одржи на 08 јули (четврток), со почеток во 12:00 часот, во општинската сала.
Ова е само дел од активностите на ЦИВИЛ во напорите да се придонесе кон запознавање, мотивирање и мобилизирање на општеството на сите нивоа и во сите сектори. Конкретно, со оваа работилница се продолжува директната соработка на ЦИВИЛ со општините во креирањето успешни модели за граѓанско учество во процесите на носење одлуки на локално ниво во овие исклучително важни области.
ЦИВИЛ ја препознава потребата од активно вклучување на сите засегнати страни во одговор на прашањата за соработка меѓу локалната власт, граѓанските здруженија, медиумите и граѓанките и граѓаните во негувањето и промоцијата на европските вредности воопшто и мултикултурализмот посебно, како на национално, така и на локално ниво.
Свое учество најави градоначалникот на Општина Гостивар, д-р Арбен Таравари, членови на општинскиот совет, а поканети се и претставници на невладините организации, политички партии, медиуми и заинтерсирани граѓанки и граѓани.
Работилницата ќе се одржи со физичко присуство со максимално почитување на протоколите и мерките за заштита и безбедност од Ковид-19.
Работилницата е дел од проектот „Европски перспективи“ кој ЦИВИЛ го спроведува со поддршка на Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.