„Фантомските гласачи остануваат во Избирачкиот список“ е сегмент од публикацијата „Слободни избори: Услов за кој не се преговара“, во издание на ЦИВИЛ – Центар за слобода. Во овој текст се објавени дел од пријавените случаи на нерегуларности во Избирачкиот список од граѓанки и граѓани кои имаа доверба во ЦИВИЛ дека ќе ги проблематизира недоследносите во прочистувањето на Ибирачкиот список од Државната изборна комисија.
Во продолжение интегралниот текст објавен во публикацијата.
Државната изборна комисија го објави Избирачкиот список на својата интернет-страница www.izbirackispisok.gov.mk на 3 март 2016 година, каде што сите заинтересирани граѓанки и граѓани можеа да ги проверуваат податоците според адреса и според име и презиме. Таа алатка ја искористија илјадници граѓанки и граѓани за да проверат дали се наоѓаат на Избирачкиот список, но и за да проверат кој уште се наоѓа запишан како гласач на нивната адреса. ЦИВИЛ и други организации го поздравија потегот на ДИК како добра можност за граѓанско учество во чистењето на овој документ што е од витално значење за кредибилноста на изборниот процес.
Веќе во првите неколку часа на социјалните мрежи се појавија стотици информации за фантастични ситуации на адресите на голем број граѓанки и граѓани. Тие говореа дека имаат и по неколку десетици „гости“ за кои не знаеле. Над 300 пријави за недоследности и фантомски гласачи дојдоа на адреса на ЦИВИЛ само во првите седум дена по објавувањето на Избирачкиот список.
Дел од тие пријави ЦИВИЛ ги објави и на својата веб-страница.
Во продолжение објавуваме само еден дел од овие пријави што ги доби ЦИВИЛ во текот на првото објавување на апликацијата на ДИК од 3 до 28 март 2016 г.
С. Г. од Струга пријави дека на адресата на која живее, според Избирачкиот список
(ИС), има пет лица што никогаш не живееле таму.
Љ. Л. од Скопје пријави дека по матичен број може да се најде на ИС, но како гласач
не постои на адресата на која живее.
Во Битола, на ул. „Борис Буџевски“ бр. 25 се запишани две лица што не живеат на таа адреса. Лицата Н. Е. и Н. Х. никогаш не живееле на оваа адреса и никој никогаш не слушнал за нив. На таа адреса живеат Т. Д., Т. О. и Т. Г.
На ул. „Борис Кидрич“ бр. 20 во Ресен, на која живеат Т.Д. и Н.О., по проверката во списокот на гласачи, забележале дека има пет лица што се водат на истата адреса и сите имаат исто презиме. „Изгледа дека цело петчлено семејство живее со нас, а ние не сме свесни за тоа“, се вели во пријавата до ЦИВИЛ.
„Забележав повеќе недоследности проверувајќи дали ме има во Избирачкиот список. Во моето избирачко место бр. 2806, конкретно, на ул. „Козара“ бр. 64 во Скопје, има проблематични податоци за стан бр. 2, кој е продаден пред 5 години, а сè уште на списокот се старите сопственици Т. М. и Т. Л. Во станот бр. 3, Н. Д. и В.В., кои според списокот живеат на оваа адреса, воопшто не живеат во овој влез.
Станарите од бр. 11, Г. С. и Г .А. се преселени и живеат на друга адреса, а истото важи за станарите од стан бр. 8, Ј. С. и Ј. Е., кои повеќе од 10 години живеат во Канада“, пишува во пријавата на К. В. од Скопје.
„Веднаш штом забележав, се јавив во ДИК, а оттаму ме испратија да пријавам во МВР, а тие повторно ме упатија да се обратам до ДИК“ – пишува еден граѓанин од Скопје во пријавата до ЦИВИЛ.
„На ул. ’Лука Геров’ бр. 11, која е моја адреса, има регистрирано 12 гласачи што никогаш, по ниедна основа, не живееле во мојата куќа“. За истата улица, во Избирачкиот список има уште еден проблем, според пријавата: „Влез 3 стан бр. 7. Куќата има 2 влеза и живеат вкупно 9 гласачи, а се запишани 21!“
Пријава од Кочани: „На ул. ’Браќа Ставреви’ бр. 6, покрај четиричленото семејство што живее таму, според Избирачкиот список, на таа адреса има уште четворица гласачи“.
„На адресата на која живеам цел живот, ’Чаирска’ бр. 3 во Општина Чаир, според ИС, живеат и лицата Б. Е. и Б. С. Случајот го пријавив и во канцеларијата на ДИК во Чаир, од каде што ми кажаа дека ќе го процесираат понатаму“, се вели во пријавата на граѓанин од Скопје.
„Мојот брат Љ. К. е иселен во Канада од 1987 година и е канадски државјанин. Покрај тоа, сѐ уште се води како гласач на мојата адреса, ул. ’Александар Мартулков’ бр. 11. Исто така, и лицето Н. К. од село Брајчино, Општина Ресен, кој го остварува своето гласачко право во Канада, се води како гласач во Македонија“, стои во пријавата што пристигна од граѓанин од Преспанско.
„Иселени сме од Македонија од 2001 година. На нашите документи за лична идентификација стои канадска адреса. Проблемот е што сѐ уште нѐ има во Избирачкиот список. Освен сопругата В. Л. и јас, А. Л., го има и синот Б. Л., кој во Македонија не живее од својата 10-годишна возраст. Според Избирачкиот список, се водиме во Општина Карпош, на булевар ’Партизански одреди’ бр. 149“.
„На ул. ’Борис Кидрич’ бр. 49 во Тетово, покрај четиричленото семејство што живее на оваа адреса, според ИС, на истата адреса живее уште едно петчлено семејство“, се вели во пријавата што пристигна во ЦИВИЛ од Тетово.
„Неколкупати се проверив во ИС и заклучокот е дека, и покрај тоа што по матичен број сум регистрирана, на адресата на која живеам ме нема“ – пријавува една скопјанка.
„На ул. ’Крсте Мисирков’ бр. 111 се пријавени шест лица, а реално живеат четворица. Покрај моето семејство, на оваа адреса се водат и лицата Г. А. и Г. Г.“ – стои во пријавата што пристигна на адресата на ЦИВИЛ.
„Лицата Ј. Т., Б. С., А. Л. не живеат и никогаш не живееле на ул. ’Трст’ во Куманово.
Лицето А. С. повеќе од 20 години живее во Србија“, се вели во една пријава од Куманово.
Лицето Р. В., претходно со друго презиме, воопшто не е внесено во ИС, ниту на адресата на која живее сега, според личната карта, бул. ’Јане Сандански’ 12/4- 13 Скопје, ниту на претходната адреса во Струга, ул. ’Цветан Димов’ бр. 47. На претходните избори е направен обид да се пронајде на кое гласачко место фигурира, но, за жал, безуспешно.
На ул. „Струшки кепеци“ бр. 21, Струга, седум лица повеќе не живеат на оваа адреса. Дел од нив се во Австралија повеќе од 30 години, а дел се во Канада веќе 10 години.
На ул. „Цветан Димов“ бр. 47, Струга, на Избирачкиот список (ИС) е пријавено едно лице што воопшто не живее на таа адреса и двајца гласачи што се иселени во Канада.
На ул. „Димитар Влахов“ бр. 34, Струга, едно лице, кое одамна е починато, сè уште
фигурира на ИС.
На ул. „Френклин Рузвелт“ бр. 64/3, Општина Центар, Скопје, во ИС се заведени 14 лица што воопшто не живеат на таа адреса. Всушност, станот број 3 е празен, никој не живее во него.
На ул. „Пиринска“ во Прилеп, во живеалиштата под бр. 21 – три лица, бр. 28 – едно лице, бр. 30 – две лица, бр. 31 – едно лице и бр. 34 – едно лице, не живеат на тие адреси, а се наоѓаат во ИС.
На ул. „Пере Тошев“ бр. 8 во Прилеп, во зграда со социјални станови што сè уште не е пуштена во употреба, во Избирачкиот список се заведени 23 гласачи.
„Зградата на ул. ’Сава Ковачевиќ’ бр. 18 во Скопје е со 4 стана и е преименувана во ’Христо Татарчев’ бр. 18. Според принтскриновите во прилог, регистрирани се по 9 стана со жители за кои никогаш не сум слушнала, освен моето и на сопругот. На првите два принтскрина во стан 003 сум јас Н. С.– П., но покрај мене, заведени се уште 4 непознати лица со презиме Ивановски. Сопругот е преместен, според Избирачкиот список, во друг стан што се води на ул. ’Христо Татарчев’, со непознатата Сузана Ивановска. Одговорно тврдам дека во нашата зграда никогаш не живееле семејствата Ивановски, Ацковски, Саздановски, Вељановски, Наневски, Илијовски, Илиевски“ – пишува една граѓанка од Скопје, која во прилог
на својата пријава достави и повеќе принтскринови.
На ул. „Кочо Рацин“ бр. 11, Ресен, сопственикот пријавува дека на неговата адреса е регистриран Н. Ј., но не се во никаква врска, ниту се познаваат. Отишол во полициската станица во Ресен и му кажале дека лицето Н. Ј. е родено во 1988 година во Мелбурн и го упатиле да го реши проблемот во подрачната единица на ДИК во Ресен. Таму му кажале дека не знаат што треба да направат, бидејќи немале инструкции како треба да постапат во вакви случаи.
На ул. „Борис Кидрич“ бр. 20, Ресен, заведени се 5 непостојни лица. На истата улица, „Борис Кидрич“ бр. 147, Ресен (стара градба со еден единствен влез и еден кат), наследство на Г. Ј., не живее никој друг. На ИС се појавуваат уште 5 лица.
На ул. „18 Ноември“ бр. 21, Гостивар, во ИС е внесено едно непостојно лице.
На ул. „Моша Пијаде“ бр. 15, Струмица, според Избирачкиот список, живее едно лице што никој не го познава.
„На нашата адреса на ул. ’4-ти Јули’ бр. 182, влез 02, стан 008, Кичево, избирачко место, 0745/1, во ИС е додаден извесен П. Ќ. кого никој не го знае. При пребарувањето преку опцијата ’адреса’ на истата адреса, но на избирачко место бр. 745 се наоѓаат Д. Ј. и Б. Ј., додека, пак, на таа адреса заведени дека гласаат на избирачкото место бр. 0745/1 се наоѓаат М. Ј. од ова семејство, кое, според ИС, живее со непостојниот П. Ќ.
Според една пријава од граѓанин од Скопје, една зграда во Општина Центар се наоѓа на Избирачкиот список четири пати, и тоа:
„На ул. ’Вељко Влаховиќ’ бр. 20, влез 1, стара адреса што некои станари сѐ уште ја имаат во своите биометриски документи. Истата зграда е заведена и вторпат, и тоа со адреса: ул. ’Димитрие Чуповски’ бр. 20 влез 1, што е нова адреса, според променето име на улицата. Оваа зграда се појавува уште еднаш во Избирачкиот список како: ул. ’Димитрие Чуповски’ бр. 0020, влез 1 и како: ’Димитрие Чуповски’ бр. 0020 влез 01“. Тоа не е сѐ. Оваа пријава открива уште проблеми со Избирачкиот список: „Еднособниот стан бр. 1 фигурира и како стан 001 на четвртиот список. Значи, се работи за еден ист еднособен стан во кој, ако се проверат сите 4 адреси, вкупно се регистрирани 31 гласач. Покрај тоа, на списокот има најмалку две починати лица на втората адреса, стан 46, и тоа: М. Ј. и стан 14, С. Т. Лицето В. Т. во истиот стан, според моите сознанија, не живее во него најмалку 10-12 години“.
Преименувањето на улиците во последните неколку години претставува дополнителен проблем на Избирачкиот список. И старите и новите називи на улиците можат да се најдат на ИС, често со различни податоци во нив. Исто така, се наоѓаат по две различни улици со исто име, а уште поголема забуна предизвикува тоа што старото име на една улица ѝ е дадено на друга улица, во друг дел од градот.