Иранската актерка со авганистанско потекло, Фереште Хосеини, која во Иран има статус на голема ѕвезда, во интервјуто за српскиот магазин „Време“ додека престојуваше во Србија каде учествува во снимање на филмот „Меѓу боговите“, со неверување прашува „Како може немо да гледаме како се убиваат луѓе во Авганистан? Како е можно само да се молчи и да се набљудува такво нешто, да се гледаат толку многу деца и нивните родители како умираат, ги напуштаат своите домови и се навистина уплашени?“.
Самата Хосеини, како дете, пред повеќе од дваесет години, кога талибанците дојдоа на власт во Авганистан, заедно со семејство ја напушти земјата и отиде во Иран, како и многу други луѓе што ги напуштија своите домови и станаа бегалци во други земји, со цел да си го сочуваат животот од талибанците, кои пак сега повторно се на власт.
Како ги примате вестите што доаѓаат од Вашата татковина?
Тоа е лудо, како некој кошмар во кој се уште не можам да поверувам. Тие ги освоија сите градови и области освен Пандшир. Имам многу пријатели и роднини таму. Некои од нив се глумци, глумици, новинари, новинарки… Нивните животи сега се во опасност.
Дали сте во контакт со нив?
Да, секој ден, најмногу преку социјалните мрежи. Не смеам да ги кажам нивните имиња, бидејќи може да биде опасно за нив. Стравуваат, не се чувствуваат сигурно. Талибанците велат „не, сигурни се“ и се обидуваат да покажат дека се смениле. Мислам дека тоа е голема лага, веќе убија голем број луѓе, меѓу кои и жени и деца, луѓе со кои се познавав. Тие ги бараат новинарите и фотографите, но единствено за да ги убијат. Велат дека нема да го направат тоа, но сум уверена дека тоа е голема лага. Јас, со мојот пријател, се обидуваме да извлечеме дел од нив, претежно од Кабул, каде имам најмногу пријатели. Се надевам дека сето ова е кошмар. Секое утро кога ќе се разбудам, веднаш одам на социјалните мрежи и не можам да верувам што се случува.
Целото интервју можете да го прочитате во магазинит Време.