На денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче изјави дека процентот на заразени од тестирани во изминатите 14 дена изнесува 5,5% вклучително со тестовите од скринингот.
Тој додаде дека капацитетот на болниците е пополнет 11%, а бројот на оздравени здравствени работници е над 92%.
„Има 15 градови во кои биле регистрирани слуачи а сега повеќе нема активни случаи. Во шест града има до 5 активни случаи. Зголемениот број на случаи доаѓаат од најчесто познати кластери, но има и неколку нови кластери“, изјави Филипче
Тој истакна дека од терен се добиваат информации за непочитување на мерките кои биле индикација за да се направи контроли за спроведувањето на мерките и препораките.
„Се направи надзор во Тетово и во Штип. Во Тетово е констатирано дека не се почитува самоизолацијата и дека постои генерално непочитување на сите изречени мерки. Во Штип е констатирано непочитување на правилото за транспорт, особено во конфекциите. Еден погон е затворен по налог на ДЗСИ, но се транспортираат од сите конфекции без да се почитуваат правилата за процент на пополнестот и носење на маски“, изјави Филипче.
Тој истакна дека е констатирано и одбивање на соработка од страна на пациентите и одбивање да даваат точни податоци и давање лажни адреси.
Во однос на Скопје министерот истакна дека најголема концентрација има во Сарај, Чаир, Гази Баба – Бутел и Аеродром, додавајќи дека овие луѓе се заразени во периодот кога важеа строгите рестриктивни мерки во однос на движењето и личната заштита.
„Има информации за граѓани кои со решение за самоизолација се шетаат надвор. Барам поголема ажурност на МВР и санкции за оние кои не ги почитуваат мерките“, истакна Филипче.
„Сакам јасно да порачам дека повторно ќе воведеме рестрикции, локални таргетирани рестрикции ако епидемиолошката состојба тоа го наложи. Ќе се анализираат и податоците во текот на викендот па ќе донесеме одлука“, вели тој.
„Ги олабавиме рестриктивните мерки со јасна порака за задолжително почитување на мерките за лична заштита. Одговорноста е на секој граѓанин на нашата земја. Мерките се јасни и воопшто не се тешки за спроведување“, порача Филипче.
Во последните 24 часа направени се 661 тестирање, а регистрирани се 52 нови случаи на ковид-19.
– Скопје 26
– Куманово 6
– Штип 7
– Тетово 9
– Струга 2
– Велес 1
– Кочани 1
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа двајца пациенти, пациент од Скопје (73г), примен на клиниката на 21 мај и пациент од Велес (82г) хоспитализиран на 22 мај. Во ГОБ „8 септември“ почина пациентка од Скопје (76г) примена на 21 мај и пациентка од Тетово (55г) примена на 27 мај.