Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција истакна дека во Охрид на семејна прослава со 200 гости, 8 се позитивни на КОВИД-19, а 40 контакти се во изолација, на свадба во Скопје со 100 присутни, 14 се позитивни, но надлежните имаат проблем со соработката на присутните, кои не кажуваат точни информации.
Од вработените во штипските конфекции земени се 778 бриса, од кои 126 се позитивни на висурот, а 24 од нив се хоспитализирани. Вкупно има 400 лица кои се контакти и имаат решение за изолација.
„Состојбата во Штип и тетовско постепено се смирува, останува Скопје, особено Чаир, каде има највеќе случаи. Сè уште има прекршување на мерката за самоизолација, групирање и лична заштита, засилени се контролите, надлежните ги спроведуваат на терен овие активности. Владата донесе уредба, на лице кое ќе прекрши самоизолација или дава лажни информации му следува мерка државен карантин од 14 дена, МВР донесува решение, а трошоците ќе ги покрие лицето на кое ќе му изречена таква мерка“, истакна Филипче.
Министерот додаде дека бранот сè уште трае и дека иако 2 од 4 жаришта спласнуваат, сега се сконцентрирани во главниот град.
„Препораките се исти и барам апсолутно да се почитуваат од сите граѓани, пред нас е уште долга битка, ќе мора да научиме соодветно да живееме со вирусот и да ги почитуваме мерките за заштита: маска, дезинфекција и растојание. Мора да се почитуваат и здраствените работници, да им се кажуваат точни информации да знаеме со какви пациенти си имаме работа и како ќе ги упатиме, поради неточни информации сега некои здравствени работници се во изолација“, изјави Филипче.
Филипче апелираше сите пациенти во болниците да кажуваат точни податоци, да ги почитуваат институциите и да се имплементираат мерките.
„Здравствените работници не можат сами да ја добијат оваа битка сами, животот мора да продолжи, не можеме да живееме со рестрикции“, додаде министерот.
А. Петровска