Музичарите од Битола кои се задржани во карантин во Демир Капија најдоцна утре ќе ги имаат резулататите од тестовите, по што ќе бидат пуштени во само-изолација. Вака денеска министерот Венко Филипче одговори на шпекулациите околу тоа дека единствено тие се задржани во карантин.
Тој додаде дека тие се првите од најавената голема група која треба да влезе во земјата.
„Музичарите од Битола се само еден дел од оние коишто беа најавени дека ќе пристигнат на границата Деве Баир. будно се прати ситуацијата на границата со цел да имаме еден централизиран увид. Со тоа што тие луѓе сега се тестираат дел од резултатите ќе бидат готови уште вечерва, дел во текот на утрешниот ден, по што ќе бидат пуштени во домашна изолација“, вели Филипче.
Министерот објасни и зошто за разлика од патниците кои пристигнаа со авион од Брисел, оваа група на луѓе кои преминаа на граничниот премин Деве Баир се ставени во карантин.
„Исклучиво поради тоа што очекувавме и се уште очекуваме поголема бројка на луѓе коешто не можеше никако поинаку да се канализира освен на овој начин. На аеродромот е поставена целосна инфраструктура со камери и епидемиолози. Тоа на копнените премини не можеме секаде да го направиме. Сега работи само Деве Баир и сите коишто ги очекуваме ќе бидат насочени натаму. Најпрво тоа беше во Пепелиште, но сега е во сосема солидни услови во Демир Капија“, истакна тој.