Министерот за здравство, Венко Филипче на денешната прес-конференција во Црвениот крст и Институтот за трансфузиона медицина истакна дека ситуацијата во земјава е мирна и дека за првпат на инфективната болница се примаат пациенти кои што имаат друго инфективно заболување, пренесува Слободен Печат.
Во однос на мерките, тој додаде дека сите земји, вклучително и нашата ги олабавуваат мерките, освен Велика Британија и Португалија, каде се уште има некаков вид на рестриктивни мерки.
– Ги анализираме податоците во нашата земја, како и податоците од околните земји, како и во Европа. Кај нас ситуацијата е стабилна, на тоа укажува малиот број на ново заразени, малиот број на пациенти кои што се јавуваат во болница, во исто време и малиот број на прегледи во болниците. На инфективната клиника се враќаат пациенти кои што имаат друго инфективно заболување. Во оваа ситуација нема што дополнително да препорачаме како рестрикција. Во овој следен временски период не планираме никаква рестрикција, ниту пак некакви дополнителни мерки, но да напоменам дека будно ја пратиме ситуацијата не само кај нас, туку и во околните земји. Многу често во кратка временска рамка од 2 недели се случуваат промени во епидемиолошката ситуација во сите земји, вели Филипче.
Инаку, Филипче најави дека во петок се очекува голема количина на вакцини од производителот Фајзер, кои се набавени преку Ковакс механизмот и нагласи дека процентот на вакцинирани е повеќе од 20%, односно до сега во земјава се вакцинирани 240.000 граѓани.