Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција ја демантираше изјавата на разрешениот ВД директор на Центарот за јавно здравје, Арбен Зибери, кој изјави дека таквата одлука е политичка.
„Апсолутно го демантирам, разрешувањето е после неговата изјава вчера, сметам дека го поткопа угледот на членовите на Комисијата за заразни болести, кои работеа според угледни принципи. Никој не смее да политизира, ни да добива политички поени на такво сензитивно прашање. Целиот период здравствен систем е посветен на решавање на проблемите од кризата со КОВИД-19, имаше и други разрешувања, тројца директори претходно, ова е четвртиот. Нема да дозволам никој да ја политизира оваа стручна работа на Комисијата и да добива политички поени. Тие луѓе четири месеци работат без прекин за да го заштитат здравјето на граѓаните“, додаде Филипче.
Филипче додаде изјавата на Зибери се пренесуваат невистини и дека во ниеден момент немало политичка причина за носење на каква било одлука од страна на Комисијата.
„Со искажаното се изнесуваат невистини, во ниеден момент немало политичка причина за носење на каква било одлука на Комисијата, исклучиво врз основа на професионалните аспекти, епидемиологијата и медицината. Никогаш немало политика во работата на Комисијата и никој нема право таа да ја политизира“, додаде Филипче.
Министерството за здравство денеска ја соопшти информацијата за разрешување на Зибери.
„Зибери е разрешен заради пласирање на неточни изјави во јавноста со што директно наштети на угледот на членовите на Комисијата за заразни болести, доведувајќи го во прашање кредибилитетот на здравствените институции во борбата со коронавирусот“, стои во соопштението.
За нов ВД директор на Центарот е назначен д-р Александар Стојанов, епидемиолог од Центарот.
А. П.