Министерот за здравство Венко Филипче на прес конференција изјави дека на владината седница ќе предложи дополнителни мерки за справување со коронавирусот.
„Разговаравме за дополнителни мерки кои би требало да се спроведат со цел повеќе да се почитуваат донесените мерки, бидејќи и покрај мерките, одлуките и апелите, се уште има собирање во групи. На попладневната владина седница ќе бидат дискутираните мерки. Очигледно е непридржувањето до мерките, очигледно е дека има сериозна бројка граѓани кои апелите, пораките и ризикот не го земаат сериозно. Имаме одговорност мерките да ги заостриме, зашто тие ќе имаат логика и ќе дадат резултати само ако целосно се почитуваат“, рече Филипче.
Тој ги потврди претходно објавените информации од Министерството за здравство за девет нови случаи на коронавирус во земјата. Со ова бројката на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 денеска до 12.00 часот, изнесува 85.
Според местото на постојано живеење, случаи на КОВИД-19 се регистрирани во 6 градови: Скопје, Дебар, Штип, Кавадарци, Гостивар и Охрид. Состојбата на хоспитализираните пациенти на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби е непроменета во однос на вчера. Единствената пациентка која е на респираторна машина е во критична фаза, а тројца се со форма на потешка пневмонија, но, во моментов се стабилни, а останатите пациенти се со полесна клиничка слика. Сите пациенти кои се на домашно лекување се во постојан контакт со лекарите од клиниката.